Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, објави дека се потпишани договорите за изградба на клучни улици на територијата на Општината, кои, како што вели, ќе овозможат подобра поврзаност.
– Со овој чекор, започнуваме со изградба на улиците: „31“, „35“, „37“, „39“, „41“, како и седум краци на улицата „102“, два крака на улицата „103“, кракот на улицата кон „Архангел Гаврил“ (десно) и краците на улиците: „81“, „33“, „52“, „95“ и „60“. Воедно, и „44“ и „84“ во Кисела Јабука и краци на улицата „1“ во Ново Село. Ова е само дел, продолжуваме со сите улици во Орман, патот Орман – Никиштани, како и Волково – Кучково – истакна Стојкоски.
Тој додаде дека ова значи подобро поврзување на маалата, побезбедни и уредени улици и модерна општина, во која секоја улица ќе биде патека кон подобра иднина.
Воедно, Стојкоски информираше дека напредува изградбата на новата детска градинка во Стопански Двор, која ќе обезбеди простор за најмалку 120 деца. Таа ќе има централна кујна и неопходните содржини што ги исполнуваат највисоките стандарди за згрижување и едукација.
Тој најави дека е во план изградба на спортски комплекс во непосредна близина на градинката, со повеќенаменски терени за повеќе спортови.