Авион од Дубаи со 200 граѓани на Србија слета денеска во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета синоќа од аеродромот во Дубаи, објави Радио-телевизија на Србија (РТС). Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по средноевропско време.
Станува збор за авион Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата Флајдубаи.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го обновува сообраќајот со реализирање на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се презакажани на овие ограничени летови ќе бидат директно контактирани од Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата апелираше до патниците да не доаѓаат на аеродромот доколку не биле однапред информирани, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, но и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени капацитети.












