Биљал Касами, градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на ВЛЕН изјави дека во Владата имало разговори какви комбинаторики да се направат во однос на министерските места што би се испразниле со заминувањето на АА и Арбен Таравари во опозиција. Таравари, кој е министер за здравство, вечерва најави дека тој и АА излегуваат од Владата и дека преминуваат во опзиција.
Како еден од лидерите на ВЛЕН, коалицијата на партии на Албанците која е дел од Владата, Касами не ја исклучува можноста ВЛЕН да го даде Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат да добие друг ресор. Тој ова го кажа во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Неофицијално, се разгледува можноста ресорот образование да му припадне на ВЛЕН, а со здравството да раководи кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој го обвини Таравари за создавање тензија во коалицијата, додавајќи дека наместо да се фокусираат на политички прашања, во периодот на неговото присуство во владата, најмногу време поминувале разговарајќи за поделба на позиции. Касами коментираше и за застојот во носењето на законот за соодветна застапеност, посочувајќи дека вината за тоа лежи на Таравари.
За политичките амбиции на ВЛЕН, Касами зборуваше и за преговорите со пратеници од албанската опозиција, нагласувајќи дека поддршката за владејачкото мнозинство ќе се зголеми во наредниот период. Во однос на евроинтеграциите, Касами потврди дека членството во ЕУ останува приоритет за Владата, но ја нагласи новата геополитичка реалност, каде Европа не е подготвена за проширување поради промените во САД под раководство на Доналд Трамп.
Касами ја коментираше и состојбата со образованието, нагласувајќи дека неговата партија активно работи на подобрување на квалитетот на образованието, вклучително и во воведувањето на нови образовни материјали, како што е новиот буквар за основните училишта. Исто така, тој истакна дека ВЛЕН продолжува со напори за подобрување на инфраструктурата, посебно во изградбата и реконструкцијата на улиците во Тетово и други градови, за да се овозможи подобар животен стандард за граѓаните.