Македонија е подготвена да плаќа јаглеродна такса од 2028 година. Ова е нотирано во извештајот на Секретаријатот на Енергетската заедница објавен денеска. Механизмот за приспособување на јаглеродните граници (Carbon Border Adjustment Mechanism – СBAM) на Европската Унија почнува со примена од 1 јануари 2026 година и ги засега нашите извозни компании во повеќе дејности, како и електрична енергија произведена од фосилни горива, но која е извезена. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во разговор за весникот ВЕЧЕР неодамна рече дека се надева дека јаглеродната такса ќе биде одложена бидејќи Македонија не е подготвена, а и земјите од регионот го бараат тоа.
Македонија е подготвена да плаќа јаглеродна такса од 2028 година. Ова е нотирано во извештајот на Секретаријатот на Енергетската заедница објавен денеска. Ова оди во прилог на барањето на Македонија, но и на Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина за одложување на примената на Механизмот за приспособување на јаглеродните граници (Carbon Border Adjustment Mechanism – СBAM) на Европската Унија од 1 јануари 2026 година. СBAM одредува фер цена на јаглеродот што се испушта за време на производството на стоки со интензивни емисии на CO што влегуваат во ЕУ и за поттикнување почисто индустриско производство во земјите надвор од ЕУ.
СBAM ги засега нашите извозни компании во повеќе дејности, како и електрична енергија произведена од фосилни горива, но која е извезена. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во разговор за весникот ВЕЧЕР, неодамна рече дека се надева дека јаглеродната такса ќе биде одложена бидејќи Македонија не е подготвена, а и земјите од регионот го бараат тоа.
– Јаглеродната такса ќе се воведува кога електричната енергија произведена од необновливи извори ќе се продаде на некој трговец од земја членка на Европската Унија. Таа такса ќе се однесува на тој трговец, но тој за да не ја плати, ќе ја префрли на нашиот производител. Тоа е еден концепт кој, во практиката, ќе биде тешко изводливо да се реализира бидејќи во мрежата има енергија која транзитира и не се знае секогаш од каде е енергијата, односно од што е произведена. Тој проблем го имаат и Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово… – рече Бислимоски.
Тој потсети дека таа давачка ќе се однесува само на електрична енергија произведена од необновливи извори – термоелектрани и гасни електрани кои продаваат на трговци од ЕУ.
– Јас сметам дека ако ЕУ бара од нас обединување на пазарите на електрична енергија, воведувањето на оваа мерка е проблематично и е спротивно на ова барање. Со цел нивниот производител да не плаќа, се тераат земјите од регионот да тргуваат сами меѓу себе, а да не продаваат енергија на земји членки на ЕУ. Она што е сигурно е дека тоа, сега засега, нема да се воведе за производите во Македонија, односно како такса која ќе треба да ја плаќаат фабриките. Во моментов, сите земји бараат тоа да се укине или барем да се одложи – изјави Бислимоски.
Тој појасни дека кога оваа такса се воведувала во ЕУ, Европската комисија давала сериозна финансиска поддршка. Во повеќето европски земји веќе има воведено јаглеродна такса, но тие имаат земено големи субвенции од ЕУ.
– Кога ќе се воведе кај нас, ние бараме како држава да добиеме одредени субвенции во еден разумен период. Факт е дека во Македонија последниве четири години се изградија околу 1.070 мегавати од обновливи извори на енергија – од фотоволтаици и ветер. Тоа значи прв пат во 2024 година инсталираниот капацитет на електрани од обновливи извори е преку 50%, односно 55%, а произведената електрична енергија од обновливи извори на енергија е првпат 40%. Очекуваме во наредните години да имаме поголемо производство од обновливи извори на енергија за сметка на производството од термоелектрани и гасни електрани – смета Бислимоски.
Македонија во извештајот е пофалена за намалувањето на азот моноксид и азот диоксид како големи загадувачи на воздухот, а исто така дека го намалила и емитувањето на сулфур диоксидот.
– Производството на електрична енергија од термоелектрани на јаглен остана релативно стабилно во 2024 година, забележувајќи мало намалување од 0,7% во споредба со претходната година. Најзначајните намалувања се забележани во Црна Гора и во Македонија (околу 12%), додека Косово регистрираше зголемување од 11% – пишува во Извештајот.
Од Енергетската заедница нотираат дека Албанија, БиХ, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Србија и Украина остваруваат постојан напредок во поврзувањето на пазарот на електрична енергија со ЕУ и во воведувањето на чиста енергија.
– Евидентираниот напредок ја одразува главната цел на Договорот за Енергетската заедница: да се создаде единствен регулаторен простор за трговија и соработка за енергија што го проширува внатрешниот пазар на ЕУ кон нејзините соседи, а воедно обезбедува стабилност, безбедност на снабдувањето и одржливост на животната средина. КBAM треба да служи како мост кон Европската Унија, а не како бариера – изјави Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница.
Македонија би требало да плаќа 70 до 80 евра таканаречена „карбон такса“ за мегават-час произведени од јаглен, но такса треба да има и за други производи чие производство е поврзано со висока емисија на јаглерод диоксид, како што е челичната и цементната индустрија.
(С. Бл.)