И покрај шпекулациите за повлекување на инвеститорот, од Министерството за транспорт уверуваат дека изградбата на ветропаркот во Штип, Радовиш и во Карбинци ќе продолжи според планот. Истовремено, изјавите од Министерството за енергетика откриваат недостиг од јасни информации за реалната динамика на проектот. Контрадикторните ставови на институциите отвораат прашања за надлежностите, законитоста и транспарентноста на постапката. Проектот вреден околу 500 милиони евра повторно ја става под лупа државната политика за управување со стратешките енергетски инвестиции

Ветропаркот во Штип, Радовиш и во Карбинци ќе сe гради наспроти шпекулациите дека инвеститорот, странскиот фонд „Алказар енерџи“, целосно се откажал од инвестицијата во Македонија. Имено, во Министерството за транспорт се завршени сите процедури и според информациите што ги имаме, инвестицијата ќе се развива според планираната динамика со оглед на тоа што се оформуваат парцелите каде што ќе се поставуваат столбовите за ветерните турбини.
– Имајќи предвид дека се работи за приватен инвеститор, за повеќе информации ве упатуваме кај правното лице и во Министерството за енергетика – одговорија за весникот ВЕЧЕР од Министерството за транспорт.
Изградбата на ветропаркот повторно ја отвори дебатата за начинот на кој управува државата со крупните енергетски проекти. Иако од Министерството за транспорт уверуваат дека се завршени сите процедури и дека ќе се реализира инвестицијата според планираната динамика, јавноста со право останува збунета од спротивставените информации што доаѓаат од различни институции.
Дополнителна неизвесност внесе и изјавата на министерката за енергетика, Сања Божиновска, која јавно призна дека нема сознанија дали воопшто се одвиваат конкретни активности на терен. Иако нагласи дека се издадени потребните документи, отсуството на јасна информација за роковите и за динамиката на градба остава впечаток на институционална дистанца од проектот, кој претходно беше претставуван како еден од најзначајните енергетски зафати во државата.
– Немам никакви сознанија, тоа е приватна инвестиција. Сè што поднесоа кај нас, го разгледавме и им дадовме документи. Дали имаат рокови за да почнат, треба да проверам, не знам точно за секој инвеститор какви му се роковите – рече Божиновска.
Подоцнежното појаснување од Министерството за енергетика, дека според новиот закон тие имаат надлежност да ја следат реализацијата на проектот, само ја нагласува конфузијата што произлегува од честите законски измени и недоволно прецизното дефинирање на одговорностите.
„Алказар енерџи“ формално се претставува како реномиран одржлив инфраструктурен фонд со седиште во Луксембург, со фокус на обновливите извори на енергија. Но, реномето на инвеститорот не може да биде замена за транспарентна и законски чиста постапка, особено кога станува збор за користење на едни од најквалитетните ветерни локации во државата. Токму тука започнуваат сериозните дилеми, на кои институциите досега не понудија јасни и усогласени одговори.
Неформалното здружение на инженери, предводено од професорот Дејан Трајковски, уште минатата година побара официјални информации за дозволите и одлуките поврзани со ветропаркот. Тој вели дека наместо јасна слика, здружението добило нецелосни и меѓусебно контрадикторни дописи.
– Генералниот секретаријат на Владата тврдеше дека на владините седници воопшто не се разговарало за доделување на локациите, додека Министерството за енергетика во друг момент соопштило дека изградбата на електроенергетски капацитети не е во негова надлежност – вели Трајковски.
Ваквата институционална „пинг-понг“ комуникација остава впечаток дека никој не сака или не може да ја преземе одговорноста. Особено проблематично е сознанието дека за проект вреден околу 500 милиони евра, Владата формално не донела одлука, а Собранието воопшто не било вклучено, иако тоа би било очекувано, согласно со Законот за стратешки инвестиции.
Најалармантен е одговорот што го добило здружението од МЕПСО, според кој дозволата за изградба се темели на документ издаден во 2009 година, на сосема друга компанија, која одамна е во стечај и ликвидација.
Во ваков контекст, сè погласните шпекулации дека целосно се повлекол инвеститорот од проектот не изгледаат неочекувано. Доколку се покажат како точни тие информации, тоа отвора можност за сериозно преиспитување на досегашниот пристап кон енергетските инвестиции. Стручната јавност, укажува дека државата треба да размислува за сопствени ветропаркови, по примерот на успешниот проект кај Богданци, кој веќе носи стабилни приходи и придонесува за енергетската безбедност.
(С. Бл.)












