Албанската гранична полиција спречи обид за криумчарење луѓе на граничниот премин Муриќани, каде при контрола на автомобил на француски државјанин била пронајдена тајландска државјанка скриена во куфер.
Според информациите од полицијата, уапсен е 26-годишниот Французин Том Хак, кој е осомничен дека се обидел нелегално да ја изнесе жената од Албанија. При деталниот преглед на возилото, полициските службеници на задното седиште откриле куфер во кој се наоѓала тајландската државјанка.
Првичната истрага покажува дека осомничениот планирал преку Црна Гора и Хрватска да ја пренесе жената до Франција, избегнувајќи ги законските процедури за преминување на државните граници.
По откривањето на случајот, приведени се и францускиот државјанин и тајландската државјанка, а полицијата започнала истрага и собирање докази.
Надлежните органи работат на утврдување на сите околности на случајот, како и на тоа дали станува збор за дел од поширока мрежа за организирано криумчарење луѓе.












