Како да ги задржиме туристите од Србија, Албанија, Грција… кои доаѓаат да полнат бензин или во казина

Србите доаѓаат да полнат бензин, Грците доаѓаат во Гевгелија во казината или да прават заби во Битола, а Бугарите по месо и по други прехранбени производи кои се поевтини кај нас. И соседите од Албанија и од Косово доаѓаат во Македонија да ги наполнат резервоарите бидејќи неколку години наназад имаме најевтин бензин од сите земји во регионот. Прашањето е како овие туристи да ги задржиме во државата на неколку дена? Според експертите, доколку само 10 отсто од овие туристи останат во Македонија на една вечер тоа ќе биде околу 30 милиони евра директен импакт врз македонската економија

226

Во Македонија има четири милиони транзитни туристи годишно. Србите доаѓаат да полнат бензин, Грците доаѓаат во Гевгелија во казината или да прават заби во Битола, а Бугарите по месо и по други прехранбени производи кои се поевтини кај нас. И соседите од Албанија и од Косово доаѓаат во Македонија да ги наполнат резервоарите бидејќи неколку години наназад имаме најевтин бензин од сите земји во регионот. Прашањето е како овие туристи да ги задржиме во државата на неколку дена? Според експертите доколку само 10 отсто од овие туристи останат во Македонија на една вечер тоа ќе биде околу 30 милиони евра директен импакт врз македонската економија.

– Ние имаме околу четири милиони транзитни гости. Србите, кои летно време патуваат во Грција на одмор, преспиваат во Дојран. Потребно е да понудиме повеќе попатни содржини за туристите кои поминуваат низ Македонија, за да ги задржиме подолго време. Може за туристите кои доаѓаат во Кавадарци, Неготино, Демир Капија… на дегустација на вина да се отворат 50-60 мали хотелчиња за да можат да преспиваат. Од овие четири милиони транзитни туристи да направиме четири милиони да остануваат во државата на едно ноќевање, тоа би било околу 30 милиони евра директен импакт на македонскиот буџет, изјави за весникот ВЕЧЕР, Аркан Керим, претседател на Туристичка комора при Сојузот на стопански комори.

Тој додава дека има многу проекти од ЕУ во таа насока, а има и финансиски средства од претпристапните фондови кои ние како држава може да ги искористиме за оваа намена.

– Освен туристите кои доаѓаат по бензин, има многу казино-туристи од Грција. Грците во Македонија доаѓаат да полнат бензин и доаѓаат во казината во Гевгелија. Исто така, одат во Битола да прават заби. И Бугарите доаѓаат во Делчево да купуваат месо и други прехранбени производи. Треба да се отвори граничниот премин кај Берово и да им понудиме некои поинтересни содржини за да може и туристите од Бугарија да доаѓаат почесто и да остануваат подолго во државата, додава Керим.

И Љупчо Јаневски, туристички експерт, смета дека треба да го искористиме моментот на евтин бензин, но на туристите треба да им понудиме нешто повеќе за да ги задржиме.

– Освен евтин бензин, може да понудиме и други производи кои се поевтини кај нас. Треба да најдеме начин како да ги задржиме овие транзитни туристи кои доаѓаат во Македонија за да завршат некоја работа, но потребно е да сме подготвени за тоа. Тоа би значело автопатите да имаат содржини на стојалишта, добра промоција за да подзастанат во градовите кои се до автопатот, како и содржини кои ќе ги задржат да преспијат во Македонија. Во овој момент сме повеќе конкурентни за викенд вински туризам. Исто така, треба да се работи градот Скопје да биде доволно конкурентен со регионалните главни градови. Сепак, за да нè посетат поголем број регионални туристи, потребно е многу повеќе од евтина цена на бензин, треба да понудиме подобра услуга и некои поинтересни туристички атракции, изјави Јаневски за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, Македонија има најевтин бензин во регионот и голем број од соседите речиси секој викенд доаѓаат во нашата држава да ги наполнат резервоарите. Бензинот е најскап во Албанија, каде што изнесува 1,43 евра за литар, потоа следуваат Грција, Србија, Црна Гора, Хрватска и Македонија, каде што изнесува 1,22 евра за литар. Кога станува збор за дизелот, просечната цена во регионот е 1,43 евра, а Србија е меѓу земјите со највисока цена – 1,56 евра, тука е и Албанија со 1,78 евра, Грција 1,55 евра, Црна Гора 1.24 евра, Бугарија 1.20 и Македонија каде дизелот е најевтин и изнесува 1.14 евра за литар.

(А. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ