– Триесет години музичка слобода и жива врска со публиката со голем јубилеен концерт во Битола – градот каде што започна една од најавтентичните музички приказни на овие простори. Ги славиме луѓето, годините, песните и сите моменти што нè поврзаа. „Фолтин 30 години – една приказна, илјадници срца, една сцена“, со овие зборови организаторите го најавуваат концертот на „Фолтин“
Македонската музичка група „Фолтин“, оваа година, со повеќе активности, слави 30 години концерти, а големиот јубилеен концерт ќе се случи на 29 август во Битола, во Античкиот театар во „Хераклеја“.
– Вечерта ќе биде исполнета со најпознатите песни, со нови музички изненадувања и со енергијата на бенд кој три децении ја гради својата публика – генерација по генерација. Триесет години музичка слобода и жива врска со публиката со голем јубилеен концерт во Битола – градот каде што започна една од најавтентичните музички приказни на овие простори. Ги славиме луѓето, годините, песните и сите моменти што нè поврзаа. Фолтин 30 години – една приказна, илјадници срца, една сцена, со овие зборови организаторите го најавуваат концертот.
Триесетте години концерти на Фолтин се години исполнети со музики, сцени, патувања, средби и публика. Но, пред сè, триесет години споделена енергија, онаа што се случува меѓу сцената и луѓето и продолжува да живее долго откако ќе заврши концертот.

Групата е основана во 1995 година во Битола. Од малите клупски сцени, до концертните сали и фестивалските бини низ Европа, „Фолтин“ создаваат свој уникатен свет – место каде што се среќаваат звукот, имагинацијата, хуморот и емоцијата.
Бендот се потпишувал на латиница (Foltin) дури до 2008 година, каде што на албумот „Оваа трансплантирана машина за чукање“ првпат се потпишале на кирилица (Фолтин).
Музичкиот јазик на „Фолтин“ е имагинарна смеса или фонетска имитација на јазици, како што се: шпанскиот, францускиот, португалскиот, романскиот, таканаречениот „спонтан есперанто“ итн., во комбинација со еден звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс. „Фолтин“ започнува да пее и на македонски јазик, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од алтернативниот рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре. Членови на „Фолтин“ се Бранислав Николов, Пеце Николовски, Пеце Трајковски, Гоце Јовановски и Славе Јовев.
Инаку, изминатиов период, Охрид беше во знакот на „Фолтин“ и винилот „Foltin Live“. Во КУЛТ (KULT) културен центар се одржа слушачка промоција на „Foltin Live“, двојниот винил со кој концертната енергија на „Фолтин“ продолжува да живее и надвор од сцената. На винил-саемот Охрид 33/45, во „Шила кафе и бар“, посетителите имаа можност да го погледнат и да го набават лимитираното издание „Foltin Live“. Од првите 150 рачно нумерирани и потпишани примероци, останаа уште последните примероци, наменети за оние што сакаат музиката да ја имаат и во нејзината физичка, аналогна форма – колекционери, аудиофили и долгогодишни пријатели на „Фолтин“.

Следното аудиофилско слушање, бендот го закажува во Битола, на 26 август, каде што „Foltin Live“ ќе добие уште една можност да биде слушнат онака како што е замислен – внимателно, гласно и со време посветено само на музиката.
Во годината на својот јубилеј, „Фолтин“ во соработка со визуелниот уметник, Зоран Кардула, создава и авторска колекција на облека. Првата колекција создадена по повод 30 години Фолтин концерти, носи четири дизајни – четири различни приказни инспирирани од светот на бендот. „Сенки на петтолиние“, „Приклучено срце“, „Прослава“ и „Одек“ не се само визуелни решенија туку продолжение на јазикот со кој Фолтин комуницира со својата публика веќе три децении. Фото: Веб страница на Фолтин












