Концесионерите на плажите на струшкото крајбрежје да го одржуваат јавниот простор, во спротивно, секоја интервенција на екипите на ЈП „Комунално“ ќе биде фактурирана на одговорните, односно правните лица. Тоа го посочи директорот на претпријатието, Ресул Чолаку, по интервенцијата на потегот од хотелот „Евро“ кон реката Сатеска.
– Деновиве имаме акција за чистење на струшкото крајбрежје. Собрани се големи количини отпад и акцијата ќе продолжи – изјави Чолаку.
Тој им укажал на концесионерите на плажите дека откако екипите на „Комунално“ ќе го отстранат отпадот, доколку не продолжат да ги одржуваат, ќе им бидат испратени фактури.
– Ги повикуваме сите управители на простор покрај брегот на езерото максимално да се грижат за чистотата и за одржувањето. Во спротивно, секоја интервенција извршена од екипите на ЈП „Комунално“ – Струга за чистење на тој простор ќе биде директно фактурирана на одговорните лица, во согласност со важечките прописи – нагласи Чолаку.












