Јордан Митев на 26 декември, во „Јане Сандански“, ќе слави 20 години успешна музичка кариера!
По повод 20 години музичка кариера, безброј хитови (најпеаниот „Наздрави за љубов, наздрави за среќа“), големата македонска фолк-ѕвезда, Јордан Митев, подготвува концертно-славенички спектакл за 26 декември, во арената „Јане Сандански“ во Скопје.
Концертот, како што веќе го најави, ќе се одржи во претпразничен новогодишен амбиент, под мотото „Две децении љубов, песна и незаборавни хитови со Јордан Митев“. Тоа ќе биде ноќ исполнета со македонски фолк- звуци, игра, песна и незаборавна атмосфера што може да ја приреди само тој, со голем оркестар во живо и со програма за која се очекуваат деталите.
– Дваесет години се многу, а, сепак, малку, бидејќи брзо поминаа. Мене секој ден ми е музика. Благодарен сум му на Бога што си ја имам мојата публика овие дваесет години. За таа публика вреди да се создава, компонира, пее, живее… па кога функционирате со публиката како едно, тогаш и дваесет години ви минуваат брзо. Публиката и семејството ми се мотивација и за наредните 20 години. Среќен човек сум штом ги имам и едното и другото. Со доаѓањето на свет на мојот син Кристијан, го добив највредниот подарок за овие 20 години од мојата кариера. И токму песната „Сине, сине мој“ доаѓа во вистинско време – вели Митев.
Јордан ова лето имаше успешна турнеја во Канада, по 10 години пауза. На спектакуларниот концерт во Торонто, уште еднаш потврди дека е веќе докажан и почитуван македонски музички бренд. Интересот за концертот беше огромен. Дел од неговата публика патуваше повеќе од шест часа за да биде во салата со него, за да биде дел од незаборавната концертна ноќ. Публиката заедно со него пееше во еден глас, а социјалните мрежи беа преплавени со многу видеа и фотографии од тој настап. Се предвидува да се случи нешто многу слично и во наредниот период, кога ќе настапи во далечната Австралија, во градовите Сиднеј, Мелбурн, Камбера, Перт, Волонгонг… Билетите се продадоа експресно брзо, а со тоа темпо одат и оние за најавениот славенички декемвриски концерт во Скопје. (Д. М.)












