Ја стимулиравме националната научно – истражувачка дејност, сега работиме на регионално и глобално поврзување со истражувачките мрежи, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа се обрати на денешниот министерски состанок на Управувачката платформа за истражување и иновации за Западен Балкан што се одржува во Брисел, во организација на Европската комисија.
-Направивме многу за да ја раздвижиме научно – истражувачката дејност на национално ниво. Главно постигнување е тоа што од индивидуални иновациски иницијативи, направивме добро организиран национален иновациски екосистем. За краток период двојно го зголемивме буџетот за наука, воспоставивме нова стратешка рамка и подготвивме нови законски решенија, а ја модернизиравме и националната истражувачка инфраструктура. Сега сме ориентирани кон поврзување со регионалните и глобалните истражувачки мрежи – нагласи министерката.
Во соопштението на МОН се додава дека се формирал Национален совет за иновации, претприемништво и технолошки развој, кој е одговорен за координација на националните активности и иницијативи.
-Основавме и посебна Агенција за иновации, научно – технолошки развој и претприемништво, која ќе го олесни пристапот до средства и услуги за компаниите, истражувачите и иноваторите – рече Јаневска.
Таа информира дека Македонија има 7 центри за трансфер на технологии, 5 технолошки инкубатори и еден приватен научно-технолошки парк, а во процес на основање се виртуелен научно – технолошки парк и првиот технолошки парк под целосна надлежност на државата. Јаневска додаде и дека проектот ВЕЗИЛКА пак е првата национална контактна точка во европската мрежа на фабрики за вештачка интелигенција.
-Тековен главен фокус е намалување на одливот на мозоци и создавање услови за задржување на младите истражувачи во земјата каде се очекува да го реализираат својот личен потенцијал“, рече министерката, потенцирајќи дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици во областа на науката и истражувањето и идентични можности за подеднакво да придонесат кон регионално справување со истите. (Б.Ѓ.)












