Македонската кошаркарска федерација и официјално го промовираше Марјан Илиевски за нов селектор на нашата селекција. Тој доаѓа на местото на Александар Јончевски, што значи дека ќе има и целосна промена на стручниот штаб со Боби Митев, Борче Даскаловски и Мирко Петрески.

За нашата селекција следуваат предизвици во претквалификациите за СП 2027 година, каде Македонија ќе ги одмери силите во група со Унгарија и Романија, мечеви кои ќе се играат во августовскиот ФИБА прозорец.

  • Факт е дека клубовите се голем фактор во создавањето на оваа репрезентција. Затоа мора да бидеме тука едни за други. Зошто ги споменувам клубовите? Токму тие треба да извршат влијание до играчите да бидат присутни на секој повик на репрезентацијата. Мора да сфатат дека тоа е во интерес на репрезентацијата. За жал, не би било прифатливо да наидеме на некое оспотување на играчкиот ростер кој ќе се планира од страна на клубовите. Мојот апел е до сите клубови е да размислуваме во насока на македонската кошаркарска репрезентација без разлика дали ќе се добие повисок ваучер или не. Ние ќе бидеме транспарентни до сите медиуми, и отворено ќе говориме за тоа кој одговорил на нашиот повик, а кој не сака да игра за репрезентацијата, започна Илиевски.

Изминативе неколку квалификациски циклуси, селекторите на Македонија често пати знаеја да останат бел клучните играчи во ростерот, пред се поради самите кошаркари кои неретко не сакаа да одговорат на нивниот повик или пак, не добија дозвола за настап од евролигашките клубови. И овој пат, Илиевски најави таков расплет на настаните, но добра вест е тоа што Андреј Јакимовски е најавен дека ќе се врати во репрезентацијата по подолго време. Илиевски исто така посочи дека ќе разговара и со останатите играчи како Ненад Димитријевиќ, Ти-Џеј Шортс…

  • Засега, не размислуваме во врска со странец, иако договорот на Ти Џеј Шорт со раководството е завршен. Сите знаеме колку е потребен овој кошаркар на репрезентацијата, но доколку не сака да одговори на нашиот повик, пронаоѓаме алтернатива. Андреј Јакимовски сака да биде присутен во првиот прозорец во август, иако има обврски со летната лига. Најавено е дека ќе доцни пет до шест дена. Ова се случува и со други играчи. Во сегашната ситуација, би било неблагодарно да се каже дека не ни требаат најдобрите плејмејкери во Европа, но ако има ситуација каде што повеќе нема желба да се биде дел од оваа репрезентација, ќе бараме решенија од странски играчи со македонски пасош. Што се однесува до Ненад Димитријевиќ, тој е столб на оваа селекција. Нешто што прво ќе направам е да остварам контакт со него. Сите знаеме дека Димитријевиќ немаше сезона каква што посакуваше, не доби значајна минутажа оваа сезона, па сметам дека репрезентативниот настап ќе му биде и повеќе од добредојден, додаде Илиевски.

Првиот човек на КФМ, Томица Главчев, исто така изрази голема благодарност до Илиевски, кој како што посочи бил единствениот кој ја прифатил одговорноста да седне на клупата на Македонија.

  • Голема благодарност до Марјан Илиевски за покажаната доверба и прифаќањето на подадената рака од нас. Среќен сум што размислувањата околу правецот ни имаат еден единствен заеднички содржател – дека ќе ни треба подолго време за сите аспекти од една конкретна програма да бидат исполнети до крај. Ние сме горди што Илиевски на крајот прифати да биде селектор, да влеземе во еден проект наречен „решавање на проблемите со нашата А-селекција“. Исто така можам да кажам дека сигурен сум дека ќе напредуваме на ФИБА ранг листата, а за тоа ни се потребни подобри резултати. Сакам да бидам оптимист, но реален оптимист, не треба да очекуваме дека во еден краток период сите проблеми ќе ги надминеме. Трпението е пред нас, очекувањата мора да бидат реални, да се соочиме со потенцијалот што во моментов располагаме и мислам дека сите заедно можеме да мрднеме напред, потенцираше Главчев.

ИЗДВОЕНИ