Градењето на експресниот пат Фариш – Дреново, кој беше пуштен за сообраќај пред еден месец, не беше ниту едноставно ниту лесно. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, објаснува дека според начинот на кој бил проектиран патот, буквално висела цела една планина над патот. Затоа паднала одлука да се отстрани брдото, а за колкава количина станува збор зборува фактот дека со ископаниот материјал може да се наполни еден фудбалски стадион.
– Проектот предвидуваше заштита од челични сајли што требаше да ја држат планината да не падне на патот. Се спротивставив и реков да најдеме друго решение – да ја поместиме планината и да го отстраниме тој материјал. Имаше скептици, но, за жал, по неколку недели, се случи несреќата во Нови Сад, со железничката станица. И по тоа, им се отворија очите на тие скептици, дека тие системи на челични сајли, можеби, се добри на хартија и проектантски, но, за жал, се случува тоа што се случува и да нема такви случаи да го отстраните тоа што може да е потенцијален проблем – вели Николоски.
Тој посочува дека опцијата за минирање на брдото, исто така, отпаднала од игра, затоа што од патот, преку мост, се влегува во тунел.
– Ако се случеше минирање, ќе се урнеше мостот и тоа ќе значеше да нема експресен пат уште три години. Се најде инженерско решение, се донесоа машини, кои буквално удираа во планината и се работеше околу 5 месеци. Сликовито да објаснам, беше отстранет материјал колку да го наполните Градскиот стадион – истакна вицепремиерот Николоски.