Во Чифте-амам на 19 јуни, во 20 часот Националната галерија на Македонија, ќе ја отвори групната изложба „Аквизиции и донации (2014 – 2024)“.

-Проектот се однесува на откупените и подарените дела на колекцијата на Националната галерија, во период од 10 години и е всушност прва изложба од овој тип во рамките на активностите на галеријата. Претставувањето на аквизициите и донациите е редовна пракса во светските музеи, со што се постигнува поголема видливост на колекциите, запознавањето на јавноста со делата и авторите, со што секако се допира и едукативниот сегмент на презентацијата, посочуваат од Националната галерија на Македонија. Заради обемот на дела, прибавени во последните 10 години, на изложбата ќе биде претставен селектиран избор на дела.

Како издвоен дел од оваа селекција ќе бидат изложени и уметнички слики од легатот на Лазар Личеноски, кој зад себе остави големо наследство, движно и недвижно. Од 2015 година по желба на неговата сопруга Зое, куќата на Личеноски (изградена во 1961, по план на славниот македонски архитект Славко Брезоски) станува сопственост на Националната галерија, и врз неа тековно се изведуваат конзерваторско-реставраторски зафати. Со тоа и значителен легат на Личеноски, кој содржи 122 слики, 37 мозаици и 5 зграфита, како и 77 дела од други автори, 21 икона (XVIII – XIX век) и голем број етнолошки, библиотечен и архивски материјал е предаден на Националната галерија.

Кустос на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, и соработник м-р Владимир Таневски, кустос.

Подоцна, истата вечер, во 20:30 часот Националната галерија, исто така во „Чифте амам“, ќе го отвори и промовира за македонската јавност – проектот „Inter Spem et Metum“ на уметничката Славица Јанешлиева т.е. македонскиот павилјон на 60. меѓународна ликовна изложба при Венециското биенале 2024.

-Трансмедијалниот и транснаративен проект на Јанешлиева претставува визуелно прочистена и концептуално осмислена просторна инсталација која нè фрла во цивилизацискиот дебрис на еден мошне сензитивен и бајковит начин. Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева нè впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде што нè соочува со чувството да си странец и тоа оној кој е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас. Поточно таа нè соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените квалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување… Нè соочува и со чувството на самостигматизација, автоцензура, самокритика, заради наметнатите очекувања, велат од Националната галерија. Куратор на проектот е д-р Ана Франговска.

Двете изложби ќе бидат отворени до 31 јули.

ИЗДВОЕНИ