Во галеријата Руди Арт Спејс во Скопје, на 20 мај, во 19 часот ќе се отвори изложбата на дизајнерката на накит, Елена Ристовска под наслов „Дива површина“.
-Да се дизајнира накит значи спој на инженерство, скицирање, избор на материјали, моделирање и обликување на уметност која можеме да ја носиме. Дизајнот на накит можеби е еден од најубедливите потврди на човековата историја, постојано делувајќи како огледало на културните, технолошките и општествените промени. Уште од праисторијата преку функционални амајлии направени од школки и коски, потоа софистицирани парчиња кои означувале статус во античките цивилизации како Египет, оваа уметност поминала низ различни стилски епохи. Тука е и сентименталната викторијанска ера, сложениот Арт Нуво и геометрискиот Арт Деко. Денес, современиот накит е одлика на современите трендови, додека личниот избор исто така говори за стилот и нивото на естетика на индивидуалецот. За среќа во Македонија се врати оваа гранка и многумина се занимаваат со изработка на накит, но само неколку се вистински дизајнери на накит, се вели кон изложбата.
Дизајнерката на накит Елена Ристовска, дипломиран историчар на уметност е позната на македонската сцена за дизајн на накит повеќе од 15 години, пред сè по софистицираниот стил, квалитетните материјали кои ги користи и оригиналните дизајни кои се современи и уникатни. Покрај тоа што дизајнира накит, организира и едукативни работилници за дизајнирање накит за деца и возрасни.












