Во Градскиот музеј Крива Паланка денеска (20 јуни) во 12:30 часот ќе биде отворена изложба на цртежи на Љубе Чаловски. Според Виолета Калиќ, дипл. историчар на уметност, обидот да се осознаат светот и импресариумот на архитектот и неимар Љубе Чаловски останува неисцрпен. Таа го споредува со една ширум отворена книга на непрестано исчитување и декодирање, на сиот тој спој од најнеспоивото, во настојувањето да се детерминира еден магично нестварен свет на најконтроверзни визури, форми, предели, кои детерминираат најразнородни култури што поместуваат и спојуваат време и простор…

– Допреноста од тие длабоки доживелици оставила кај авторот длабока маркантна, животворна трага, преточена во бројни записи, скици, цртежи, како реминисценција на неброени сновиденија, преточени во лирско сфумато помеѓу мигот дамнешен и мигот сегашен… Без разигнација и носталгија, тие се сугестивни, едновремено реални и нестварни, орфејски мистифицирани, како магично расонување на предел или како навраќање на спомените во офсет, реминисценција што го отсликува драматизмот на непосредно доживеаното, а едновремено, воедно е стивната, суптилна и кротка, хармонизирано слеана, како исткаена во тантелата на наративот во записите, сликописите, игроказите од бројните патешествија на неимарот. Втоната во монохромијата, неговата сага, суптилно го доловува и најминуциозниот детаљ, кој ги посочува, непосредно и непретенциозно ги отсликува епохите, ги детерминира и вообличува визиите за времето, просторот, културите, фантазијата на градителите, ги разоткрива стремежите и сништата на архитектите, на ктиторите… – вели кон изложбата на Чаловски.

Низ своите мемоари, патописи, преточени во сликопис и со обилност на минуциозно вткаен линеаризам и графицизам, додава таа, авторот ја посочува многуслојноста во исчитувањето на поетиката на еден неисцрпен регистар од минуцизоно вткаени знаци, симболи, кои отсликуваат еден поинаков реалитет на далечните простори, на древните цивилизации и култури, кои загатнуваат непресушен обид за осознавање, навраќање и секогаш повторно едно ново и поинакво исчитување.

ИЗДВОЕНИ