Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 22 октомври, во 19:00 ч., ќе биде отворена изложбата „Конгломерати“ од Сашо Ацковски.

Проектот содржи околу 25 дела изработени во акрилна техника на платно на блинд рамови, со прилепени (колажирани) електронски делови, со различни димензии. Како што кажува и самиот наслов, во делата е претставена организирана концентрација на различни елементи по својата природа, од една страна, апстрактни мотиви создадени од човечка рака и, од друга страна, електронски индустриски делови создадени од машина, на тој начин пресликувајќи го современото општество во уметничкото дело. Иако спротивни по својата природа, елементите меѓусебно се испреплетуваат и создаваат една меѓусебна синергија, односно нова целина, нова реалност. Сè додека постои урамнотеженост помеѓу спротивностите, конгломератот функционира, во спротивно настапува хаос  во таа нова реалност.

Целта на проектот е да ја поттикне публиката да размислува за балансираната и контролирана употреба на техниката и на технологијата во секојдневниот живот.

Инаку, Сашо Ацковски е роден 1972 г., во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2012 година, на отсекот за сликарство, со насока конзервација и реставрација, во класата на проф. Благоја Маневски (претходно во класата на проф. Вело Ташовски  и на проф. Свето Манев). Реализирал голем број на самостојни изложби во државата и пошироко, а бил учесник и на групни изложби.

ИЗДВОЕНИ