По прекинот на финансирањето од кинеската Ексим банка, државата бара нови извори за довршување на еден од најзначајните инфраструктурни проекти. Од Владата уверуваат дека преку задолжување кај домашните банки, ќе се обезбедат средства за непречено продолжување на изградбата. Во меѓувреме, од кинеската амбасада појаснуваат дека банката веќе го исплатила најголемиот дел од договорените средства и дека останатите 51 милион евра ќе продолжат да се исплаќаат. Посочуваат дека, согласно со договорот, Македонија се обврзала да не бара дополнително финансирање доколку се надмине предвидената вредност на проектот

Завршувањето на автопатот Кичево – Охрид, Владата ќе го продолжи со средства кои ЈП за државни патишта ќе ги позајми од домашните банки. Досегашното финансирање одеше преку кинеската Ексим банка.

– Од некакви причини, финансирањето од кинеската Ексим банка веќе е прекинато. Бевме известени дека ќе го прекинат финансирањето, но ние се снајдовме и благодарение на успешната акција на Министерството за транспорт и врски и потпретседателот на Владата, Александар Николоски, и на директорот на ЈПДП и на луѓето од мојот кабинет кои учествуваа во овој процес, се обезбеди доволна сума за да можеме конечно да го завршиме овој проект, и како што ветивме, да го пуштиме во употреба – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од ЈПДП за весникот ВЕЧЕР дополнија дека финансирањето на изградбата на автопатот од страна на Ексим банка е прекинато од причини што претходната Влада, по вториот заем (кредит), испратила писмо до Ексим банка дека понатамошното финансирање ќе биде од страна на Република Македонија.

Ексим банка ќе доисплати 51 милион евра од кредитот

Истото за весникот ВЕЧЕР го појаснија и од Амбасадата на НР Кина во земјава. Портпаролот на Амбасадата, за весникот ВЕЧЕР, детално информираше за финансирањето на проектот за автопатот Кичево – Охрид.

– Од ноември 2013 година, кога компанијата „Синохидро“ потпиша договор за изведба на проектот за автопатот Кичево – Охрид со Јавното претпријатие за државни патишта на Северна Македонија, по барање на македонската страна, Извозно-увозната банка на Кина (EXIM банка) обезбеди основен заем и дополнителен заем за овој проект, во вкупен износ од приближно 529 милиони евра. Заклучно со февруари 2026 година, реално се исплатени 478 милиони евра, додека останатите 51 милион евра ќе продолжат да се исплаќаат согласно со одредбите од договорот, за потребите на КО проектот – објаснува портпаролот.

Од Амбасадата додаваат дека поради воведување дополнителни проекти за проектирање и изградба на косини од македонската страна, обемот на работите повторно се измени.

– Во таа насока, македонската страна побара дополнително финансирање во износ од 205 милиони евра. Сепак, согласно со Договорот за дополнителен заем потпишан на 12 декември 2019 година, македонската страна се обврза дека, во случај вкупната реална вредност на проектот да го надмине договорениот износ, нема да бара дополнително финансирање од EXIM банка на Кина – велат од Амбасадата на НР Кина во Македонија.

Оттаму потсетуваат дека со договорот на барање на македонската страна, Ексим банка на Кина обезбеди заем во висина од 85 % од вредноста на проектот, при што, како што велат, овој заем, во моментов, е целосно исплатен.

– Во ноември 2018 година, СИНОХИДРО и Јавното претпријатие за државни патишта потпишаа Третиот анекс-договор, со кој се предвиде зголемување на обемот на работите на КО-проектот и зголемување на договорната вредност за околу 187 милиони евра. По апликација на македонската страна, Ексим банка на Кина обезбеди дополнителен заем во износ од 179,7 милиони евра, при што двете страни на 12 декември 2019 година потпишаа договор за дополнителен заем. Овој дополнителен заем, во моментов, сè уште е во фаза на исплата и ќе продолжи да се користи за потребите на КО-проектот – објаснија од Амбасадата.

Прашавме во Државни патишта дали веќе се обезбедени средствата за натамошната изградба на автопатот од домашните банки и ако се обезбедени, за која сума станува збор и од кои банки се повлечени средства и по кои услови.

– Во моментов сме во фаза на изнаоѓање средства со кој ќе продолжи натамошната изградба и до мај, годинава, средствата ќе бидат обезбедени – ни одговорија од ЈПДП.

Промена на финансирањето и на автопатите на „Бехтел и Енка“

Промена на финансирањето има и кај другите автопати што се градат на коридирите 8 и 10 д. Премиерот вели дека финансирањето на автопатите од коридорите 8 и 10 д, првично биле префрлено во Министерството за транспорт и врски, наместо во ЈПДП, каде што природно им е местото, но со измена на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за Автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на Автопатот Прилеп – Битола), сега е вратено на Државни патишта.

– Беше предвидено финансирањето на проектот да се прави исклучиво од буџетот на државата, а со измените се остава простор тоа да се прави и преку Јавното претпријатие за државни патишта – појаснуваат од ЈПДП.

Мицкоски потенцира дека овој проект со „Бехтел и Енка“, Владата го наследи со сите проблеми.

– Освен што беше исплатен авансот, ништо друго не се работеше. Сега работите добро се одвиваат и 90 % од работите што зависат од државата се веќе завршени. Останува со добра организација на изведувачите, таа работа да се заврши. Можно е роковите да се пролонгираат. Има многу проблеми, имаме ограничени ресурси, креираме приоритети и важно е што проблемите ги решаваме, а не креираме нови проблеми – вели Мицкоски.

Од ЈПДП потенцираат дека проблемите на изградба на автопатите од проектот со „Бехтел и Енка“ се решаваат институционално.

– Сакаме да истакнеме дека имаме одлична соработка со сите инволвирани институции кои имаат разбирање за потребата брзо и енергично да се реагира за решавање на секој предизвик затоа што ние, како ЈПДП, сме должни на изведувачот, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, да му оставиме чист простор за работа за да нема застој во изградбата – велат од ЈПДП и посочуваат дека тековно се одвиваат активности поврзани со изградбата на делниците и во рамките на нив се одржуваат и јавни расправи во општините опфатени со проектот.

Со „Бехтел и Енка“ е договорено да се изградат четири автопатски делници. На три веќе се работи турбо, а останува на лебди во воздухот изградбата на четвртиот автопат, Требеништа – Струга – Ќафасан. За трасата на овој автопат се чека на одлуката на УНЕСКО, од која натаму ќе зависат сите идни чекори во однос на изградбата на овој дел од Коридорот 8.

– Трасата што е повлечена поминува низ дел од периметарот заштитен од УНЕСКО. Сега треба да одлучиме дали ќе ги почитуваме правилата или ќе ги третираме како шведска маса, па ќе го почитуваме само тоа што ни одговара. Ако таа траекторија е спорна, ќе бараме друг начин, најверојатно ќе има измена на трасата – нагласи Мицкоски.

Тој истакна дека инфраструктурните проекти ќе продолжат, но со почитување на меѓународните обврски, нема да дозволи етничка поларизација доколку дојде до  измени на трасата поради заштитените подрачја на УНЕСКО.

– Граѓаните од Струга треба да се смират, затоа што оваа влада е влада на сите граѓани и никој нема да биде заборавен. Вклучително и граѓаните од Кичево, Вевчани, Дебарца, Охрид и сите општини кои се долж коридорите 8 и 10 д. Никој нема да остане изоставен – изјави Мицкоски.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ