Изборот на новиот вицепремиер и министер за евроинтеграции, Беким Сали, и на новиот министер за животна средина, Мухамед Хоџа, ќе стартува за околу две недели, а поширока владина реконструкција може да се очекува дури напролет. Засега, не се планира промена на актуелниот министер за здравство, Азир Алиу, со Башким Бакиу, а околу што, според неофицијалните извори, се воделе разговори меѓу коалицијата „Вреди“ и премиерот Христијан Мицкоски. Ова го најавија собранискиот спикер Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски во одвоени настапи во јавноста, а што укажува на промените во она што со денови се најавуваше во јавноста околу промените во владините ресори.
Собранискиот претседател Гаши, на денешниот брифинг со новинари, најави дека во втората половина од месецов може да се изврши комплетирање на два испразнети ресори во Владата. Гаши навести дека седницата би можела да биде закажана во периодот од 15 до 18 декември.
– На таа седница прво треба да се изврши разрешување на министерот за европски прашања, Орхан Муртезани. Потоа, да се пристапи кон изборот на новиот вицепремиер и на новиот министер. Точниот термин зависи од тоа кога ќе се заврши собраниската седница посветена на усвојувањето на Буџетот за следната година. Таа започнува на 9 декември и неизвесно е колку дена ќе трае – рече Гаши додавајќи дека замислата му е на истата седница да има и точка посветена на пратеничките прашања на опозицијата.
Неофицијалните извори од коалицијата „Вреди“ за медиумите деновиве брифираа дека договорот предвидува следниот ангажман на министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, да биде амбасадорската позиција во Брисел. Премиерот Мицкоски денеска рече дека сè уште не е разговарано за следното назначување на Муртезани.
– Јас сум исклучително задоволен од тоа што тој го сработи досега. Нормално, очекувам и понатаму да продолжи нашата соработка на друго место – рече премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека во моментов, како Влада, се концентрирани на претстојниот Самит Западен Балкан – Европска Унија, кој ќе се одржи овој месец и тоа е приоритет за нив во овој период.
– Таму некаде помеѓу 17 и 18 овој месец е Самитот Западен Балкан – Европска Унија. Така што имаме други приоритети на дневен ред, фокусирани сме на тоа, уште еднаш да ги презентираме нашите позиции за членство на Македонија во рамките на Европската Унија и сите сме фокусирани за тоа – најави Мицкоски.
Тој во синоќешното интервју за емисијата „360 степени“ за МРТ рече дека засега не планира други промени во Владата, конкретно во ресорот за здравството.
– Нема да има промена на во ресорот за здравство каде што се спомнуваше името на Башким Бакиу. Секогаш има простор за напредок. Секој треба да добие шанса и јас ценам дека до овој момент Азир Алиу прилично пристојно си ја врши својата работа – одговори премиерот Мицкоски на прашањето како е задоволен од тоа како Алиу ја раководи институцијата.
Доколку се случеше промена во ресорот Здравство, тоа ќе беше трет министер во 17 месеци од мандатот на Мицкоски како премиер. Тој рече дека се согласува дека пречестото менување на позицијата шеф на тој ресор не е добро за тој витален ресор.
Во интервјуто, премиерот практично откри дека поголемата реконструкција на Владата, која се најавуваше за по партискиот конгрес на 6 декември во Кавадарци, сега ќе се случи многу подоцна.
– Сега нема да има промени кај другите министри. А по конгресот, по сите оние преструктурирања во рамките на партијата, напролет, очекувам да имаме и освежување во рамките на владата, прегрупирања, догрупирања, доекипирања, проширувања, стеснувања и во рамките на државните институции. Така што, приближно, ова е тој гантограм на активности за следниот период како претседател на Владата и доколку ја добијам довербата на делегатите на конгресот, претседател на ВМРО-ДПМНЕ не очекувам, формирање на овој тим кој потоа треба да го понесе и изнесе товарот до следните парламентарни избори – нагласи премиерот.
Тој конкретно не објасни кои се причините за одложувањето на реконструкцијата која со новиот термин ќе се совпадне со двегодишнината на мандатот на Владата. Односно, дали тоа се должи на потребата од донесување низа закони во македонскиот парламент врзани за реформската агенда од областа на правосудството, па сè до неговите најави дека на почетокот на следната година може да се очекуваат поголеми поместувања на планот на евроинтегративниот процес на нашата земја. Или, како што рече, целта му е да оформи тим за победа на нови, предвремени или редовни, парламентарни избори. Со тоа, практично, некои од министрите добиваат дополнителен рок за подобрување на ефектите во својата работа.
На прашањето дали во Собранието има обезбедено Бадентерово мнозинство, Мицкоски одговори дека Бадентеровото мнозинство го поврзуваат со гласањето на реформските закони, за кои позитивно мислење имаат дадено од канцеларијата на ЕУ.
– Јас не очекувам ниту еден пратеник во парламентот, кога ќе дојде таков реформски закон на дневен ред, кој е поздравен, секако, од самата канцеларија на ЕУ во земјата, да гласа против или воопшто да не гласа. Така што, јас не би ги поврзувал Бадентеровото мнозинство со условно кажано реформската агенда – нагласи тој.(Б. Ѓ.)
Тошковски за можноста да биде реконструиран: Премногу проекти треба да завршам наредната година
Почнав премногу темелни проекти во изминатата година кои ќе треба да ги завршам во наредната година, рече вчера министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, прашан за став за гласиштата за негова смена со реконструкција на Владата и можноста да премине на друга позиција.












