Нови изборен законик е она што треба да произлезе од скорешниот почеток на работата на меѓупартиската група во македонскиот Парламент што треба да предложи нови решенија за изборното законодавство. По повеќемесечни најави дека ќе почне да се работи на тоа, се очекува почетокот во текот на оваа недела. Какви сè промени ќе бидат вградени во новиот законик, дали ќе има и каква промена на изборниот модел, ќе се види набрзо. Министерот за правда, Игор Филков, во изјавата за весникот ВЕЧЕР потврди дека во наредниве денови треба да се одржи првата средба на партиските претставници, кои ќе работат на промени што би требало да бидат применети на следните парламентарни избори.
– Работната група оваа недела треба да одржи состанок на кој ќе биде избран нејзин претседател и ќе се договорат динамиката и планот за работа. Во зависност од предлозите на политичките партии, односно нивните претставници, ќе се утврди дали ќе се оди со ново законско решение доколку надминат измените 30 проценти или ќе продолжи да се работи на истото – изјави Филков, од кого досега зависеше закажувањето на средбата.
Познато е, политичките партии неодамна ги предложиле до собранискиот претседател, Африм Гаши, претставниците со кои ќе учествуваат во работната група за изборниот законик. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во работната група ќе бидат пратениците Антонијо Милошоски и Иванка Василевска, од ЗНАМ Павле Арсоски и Даниел Стојчевски, од „Вреди“ – Саранда Имери и Зеќирија Таири. Од опозицискиот СДСМ ќе учествуваат координаторот Оливер Спасовски и Јована Тренчевска, од ДУИ поранешната пратеничка Арта Биљали-Зендели, како и Блерим Беџети, а од Левица – Борислав Крмов и Реџеп Исмаил. Од крилото на Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села претставници ќе бидат пратениците Илире Даути и Елми Азири, од крилото на Арбен Таравари се пратениците Ријад Шаќири и Халил Снопче, од Партијата на Турците е пратеникот Бејџан Иљас, а од ЛДП – Моника Зајкова.
Од првата средба ќе произлезе како ќе се движи целиот процес
Кај партиите, се чини, нема дилеми дека треба да се донесе сосема нов изборен законик.
– Делегиравме членови и активно ќе учествуваме во работата. Од првата средба ќе произлезе како ќе се движи целиот процес. Реформската агенда налага нов изборен законик – ни рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
И Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на опозицискиот СДСМ, ни изјави дека од нивната работа треба да произлезат нови законски решенија.
– Нов законик е обврска од реформската агенда, исто како и нов кривичен законик. Ќе се договараме и околу изборниот модел. Ние сме за една изборна единица, но со постоење изборен праг околу кој може да се договориме колку проценти ќе изнесува – ни рече Спасовски.
И на неодамнешната лидерска средба што ја организираше премиерот Христијан Мицкоски беше договорено дека е потребен нов изборен законик, кој треба да биде готов до јуни. Премиерот Мицкоски уште лани во јуни соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува изборен модел со една изборна единица наместо шесте постојни, но бара да се овозможи и гласањето на дијаспората.
– Повикувам сите заедно да го промениме Изборниот законик, да направиме една изборна единица и да дозволиме во таа една изборна единица и дијаспората да гласа. Има држави што дозволуваат организирање гласање исклучиво во рамките на дипломатско-конзуларните претставништва, но има и такви што воопшто не го дозволуваат тоа. Тоа претставува реална пречка – изјави Мицкоски по лидерската средба одржана минатиот месец.
Цензусот и дијаспората најголеми проблеми
Актуализирањето на промената на изборниот модел со воведување само една изборна единица дојде по повеќегодишните барања на помалите политички партии, кои сметаат дека овој модел е многу поправичен и пообјективен. ЛДП, Демократскиот сојуз и други политички партии со години предлагаат воведување една изборна единица, при што се бара да нема цензус за влез во Парламентот, пратеничките мандати да се пресметуваат според Донтовиот модел, како и да се користат отворени кандидатски листи по одреден пробен период и тестирање на локалните избори.
– Една изборна единица ќе значи демонтажа на „еднопартискиот систем“ и вклучување повеќе партии во одлучувањето. Зад секој пратеник ќе стојат ист број гласови. Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг, а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел. Околу проблемот со цензусот, сметам дека на претстојните парламентарни избори не треба да има цензус, а потоа може да биде на околу два-три проценти. Дијаспората треба да гласа, но претходно да се договори начин. Треба и да се укине државното финансирање на партиите – изјави неодамна за весникот ВЕЧЕР Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз.
Прашањето за цензусот за избор на пратеници и за можноста да гласа и дијаспората, се чини, ќе биде најсложено за постигнување договор во работната група. Проблемот воопшто не е мал. Во Австралија, на пример, каде што има големо македонско иселеништво, не се дозволува гласање надвор од ДКП. Големите далечини на кои живеат нашите сонародници се причина за минималниот одѕив на избирачите на изборите во минатото. Тоа води кон прашањето дали ќе треба да се воведе можноста иселениците да гласаат електронски, со писма или на друг начин. А, за сето тоа е потребен договор за кој, исто така, ќе треба не мал временски период да се спроведе, дури и во ситуација партиите да постигнат консензус на скорешното договарање.
Од друга страна, опозициската ДУИ соопштила на лидерската средба дека инсистира на цензусот од 5 проценти освоени гласови од запишаните избирачи. Ова ја отвора дилемата дали би прифатила ДУИ да попушти во својот став и да се согласи да се намали цензусот на 3 проценти или, пак, воопшто да го нема.
Координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, по лидерската средба соопшти дека за нив е прифатливо и потребно ново решение со една изборна единица.
– Тоа ќе обезбеди поголема еднаквост на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Сметаме дека мора јасно и прецизно да се регулира финансирањето на политичките партии, особено на оние што се застапени во Собранието преку пратенички групи за да се обезбеди транспарентност – рече Карапејовски.
Лидерот на Беса, Билал Касами, пак, побарал со измените на Изборниот законик да се најде можност за поголемо учество на дијаспората во гласањето.
Зијадин Села, лидерот на едното од трите крила на Алијанса за Албанците, дел од коалицијата „Европски фронт“, се изјасни против изборниот систем со една изборна единица за парламентарните избори и смета дека таквиот систем би бил штетен за Албанците. Партијата за движење на Турците бара посебна изборна единица за учество на партиите на помалобројните етнички заедници на изборите.(Б. Ѓ.)
Идеја за намалување на бројот на пратеници
Пред парламентарните избори во 2024 година, како лидер на опозицијата, премиерот Мицкоски настапи со идејата да се воведе една изборна единица, но и да се намали бројот на пратеници од 120 на 90.
– Сакаме да предложиме концепт за намалување на бројот на пратеници во Парламентот од 120 на 90, слично на словенечкиот концепт, како и воведување една изборна единица. Овој „гломазен“ систем од 120 пратеници е преголем, тој изгледа премногу фрустрирачки за граѓаните, преголеми се трошоците, преголема е и акумулираната моќ – изјавуваше Мицкоски тогаш.
Така, останува прашањето дали ќе биде третирана оваа идеја од страна на работната група, која наскоро треба да започне.












