ИЗБОРНИТЕ КАРВАНИ ТРГНАА, ЖЕСТОКА КАМПАЊА ОД САМИОТ СТАРТ: Се најавуваат решавачки битки, фрчат ветувањата за нови проекти, сообраќајници, паркови, бесплатен јавен превоз…

43

Најави за решавачка битка меѓу политичките блокови, вжештена реторика, обвинувања, контраобвинувања, но и визии, ветувања за најразлични проекти кои ќе се направат во следните четири години, но и во наредниве децении го одбележаа вчерашниот почеток на изборната кампања за октомвриските локални избори. Жестоки ставови доаѓаат како од редовите на власта, така и од редовите на опозицијата, а ветувањата што се даваат се големи по својот обем, при што се тврди дека сигурно ќе бидат остварени. Но, веќе од првиот ден се потврдува она што изминативе недели го навестуваше предвремено започната кампања – дека политичката битка за градоначалничките и за советничките функции ќе се води меѓу најголемите блокови при што ќе се користат сите аргументи, од државните па до локалните проблеми.

Премиерот и лидерот на најголемата владејачка партија ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска отворено порача дека на 19 октомври ќе се судрат две опции и тоа коалицијата што ја предводи неговата партија и коалицијата на СДСМ, ДУИ и Левица.

– Трета опција нема и не постои. Една опција е коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица, коалицијата Венко Филипче – Али Ахмети и Димитар Апасиев, па и да кажев Димитар Заев, немаше многу да згрешам бидејќи гуруто во заднина е тој на оваа коалиција и тој е патот кој седум години го гледавме. Пат на криминал, корупција, национални понижувања, неработа, неиспорака. И следната опција е ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата. Тоа е она што ние, заедно со поддршката што ја имаме од граѓаните, еве, изминативе 15-16 месец го работиме. Секој оној што мисли дека со седење дома, со апстинирање ќе казни некого, или, пак, ќе покаже пркос или ќе испрати некаква порака, се лаже. Тогаш тој директно гласа за Венко Филипче, за Али Ахмети и за Димитар Апасиев – рече премиерот Мицкоски, кој беше во посета на Градско, додавајќи дека очекува изборите да поминат мирно.

Од најголемата опозициска партија СДСМ, пак, вчера соопштија дека со своите партнери со нова енергија ќе се борат против неспособноста и расипништвото на власта. Нивниот лидер Венко Филипче рече дека се согласува со премиерот дека граѓаните имаат две опции, но ги негира тврдењата на Мицкоски дека социјалдемократите имаат предизборна коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ) и со Левица. Едната опција, како што кажа Филипче, е напредна и проевропска, а другата е ВМРО – ДПМНЕ, која се служи со лажни кампањи и која се докажала по тоа што го запустила градот Скопје.

– Не, ние немаме коалиција ниту со ДУИ ниту со Левица. Меѓутоа, се согласувам со премиерот дека граѓаните имаат две опции. Едната е напредна, проевропска опција, која нуди чесни, добри кадри, кои покажаа како се работи за доброто на граѓаните, а тоа е СДСМ, а другата опција е ВМРО – ДПМНЕ, која се служи со лажни кампањи, со лаги, со клевети, кои се докажаа дека се неработници, кои се докажаа по тоа што го блокираа и го запустија градот Скопје – изјави Филипче додавајќи дека „силно ќе го критикуваме ВМРО – ДПМНЕ, блокирањето на град Скопје, заради тесно партиските интереси“.

Орце Ѓорѓиевски со Визија за Скопје до 2045 година

Напоредно со ова, и кандидатите за градоначалници веќе од првиот ден ги соопштуваат суштинските проекти од нивната изборна програма која во наредниве денови ќе им ја претстават на граѓаните. Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје на коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ вчера ја промовира програмата „Визија за Скопје 2025 – 2045“ изградена на седум столба.

– Како и во Кисела Вода, така и во Скопје ќе направиме промена која му е потребна на градот. Програмата врз која ќе се водам е изградена врз седум столба – темелите на иднината на градот: Одржлив урбан развој во следните 20 години, Нема компромиси со здрава животна средина и биодиверзитет, Целосна комунална обнова на градот, Враќање на културниот идентитет на Скопје, Дигитална трансформација и паметни решенија, Скопје како град на младите и науката и  Јакнење на јавната грижа и безбедноста. Овие области не се одделни, туку делови од една целина – новата слика на Скопје. Од нив ќе произлезат стотици проекти, речиси по еден за секој ден од годината – најави Ѓорѓиевски.

Според него, Визијата не е само изборна програма туку патоказ за иднината, план што не се мери во мандати, туку во генерации.

– До 2045 година ја гледам метрополата Скопје како град што дише преку своите зелени коридори. Како град што се движи преку еколошки и интегрирани транспортни решенија. Како град што живее преку јавни простори што повторно им припаѓаат на граѓаните. Ова не е само план за градба – ова е модел на ново живеење, по мера на луѓето. Како што Кензо Танге во 1964 година ја постави визијата за постземјотресно Скопје, така и ние денес ќе создадеме нова визија за иднината. Ќе формираме меѓународен борд на светски експерти и ќе соработуваме со универзитети во Торино, Солун, Љубљана и други. Заедно со локалните експерти, избрани на јавен конкурс, ќе изработиме сеопфатен 20-годишен план – „Визија за Скопје 25/45“. Ќе биде формиран и Совет за урбан развој, составен од врвни архитекти, инженери, експерти и претставници на граѓанскиот сектор – објави Ѓорѓиевски.

Тој најави дека повторно ќе ја врати функцијата на градскиот архитект.

– А за да го вратиме градот во рацете на граѓаните, ќе го создадеме Урбан Центар Скопје – јавно претпријатие што ќе ги изработува планските документи професионално и транспарентно. Секој нов јавен објект што ќе се гради ќе биде предмет на јавен конкурс. Новиот Генерален урбанистички план ќе се донесе врз основа на оваа визија и ќе ги постави темелите за долгорочен и европски ориентиран развој. Секој детаљ ќе мора да произлегува од тој концепт – за да ставиме крај на хаосот со неконтролирано и штетно градење – објасни тој најавувајќи и конкретни решенија за чист воздух, за современ третман на отпадот, депонијата „Дрисла“, комунална обнова…

Неговата противкандидатка од СДСМ Каја Шукова вчера изјави дека македонската метропола е доведена до хаос и трупање на смет.

-Сега ветуваат дека за Орце Ѓорѓиевски дека за 72 часа ќе го исчисти градот Скопје. Тоа се нереални ветувања, за разлика од Орце Ѓорѓиевски јас имам реален план како да се исчисти градот Скопје. Ние зборуваме за ново паметно решение, коешто ќе значи нова опрема и ќе значи џипиес комуникација со опремата во Скопје, односно да знаеме во реално време дали ни се полни контејнерите и кога треба да се празнат – вели Шукова.

Таа истакна дека во Програмата имаат дека ќе набават двојно повеќе контејнери и канти за складирање на отпадот, како и нови возила, бидејќи постојните се многу лоша состојба. Посочи дека еден од големите проблеми на граѓаните на градот Скопје и кабастиот отпад, којшто мора да се реши, а во нивната Програма нудат и решенија.

Меџити и Османи ќе го ослободуваат Чаир

Уште од првиот ден на кампањата се потврди дека ќе има жешка битка во скопската општина Чаир. Кандидатот на коалицијата „Вреди“, актуелен вицепремиер и министер Изет Меџити, вчера кажа дека изборната битка за Чаир е почеток на битката за ослободување од една корумпирана партија.

– Чаир не е поле за правење политички кариери. Чаир е почеток на ослободување од еднопартискиот монопол и ослободување од една корумпирана политичка партија. Време е на тој монопол да му ставиме крај и Чаир да стане модерна, функционална и европска општина – нагласи Меџити.

Тој ги најави и клучните проекти: подземен паркинг кај споменикот на Скендербег, катни гаражи кај „Чаирчанка“ и на други локации, проширување на улицата „Цветан Димов“, систем за собирање на отпад, нови паркови, бизнис-инкубатори за млади…

– Ова е наша заедничка битка, време е за работа, заврши време на поделбите – нагласи Меџити.

Неговиот противкандидат Бујар Османи, исто така, ги претстави клучните проекти кои планира да ги реализира со неговата „Визија Чаир 2040“ – ургентни и долгорочни.

– Нашите приоритети се прво во мобилноста во Чаир бидејќи сметам дека тоа е основниот предуслов за останатите функции: 2.500 нови паркинг-места, ново комунално претпријатие за хигиена и нова политика за борба против корупција. Ќе воведеме живо пренесување на сите фази од постапките за јавни набавки, затоа што мора да го тргнеме имиџот дека сите политичари се корумпирани. Така ќе ја вратиме довербата на граѓаните – изјави Османи.

Тој нагласи дека Чаир не може повеќе да живее во хаос.

– Не може да се живее во хаос, безредие и корупција, заробен од „клика“ која не управува ни од самата општина. Жителите на Чаир не бараат само замена на имиња на функциите туку и суштинска промена на културата на владеење. Граѓаните бараат промена на однесување, бараат чесност, посветеност и нов пристап во управувањето со општината. Времето за таа промена е сега – додаде тој, нагласувајќи дека „Чаир е на крстопат дали ќе продолжи по патот на корупција и дивоградби, или ќе ја избере визијата за европска и современа општина“.

Кандидатот за градоначалник на општина Тетово, Билал Касами, кој е лидер на Беса и дел од коалицијата „Вреди“, на вчерашната промоција на својата програма рече дека го запрел пропаѓањето на општината што ја презел пред четири години.

– Општината сега е многу подобра отколку пред четири години. Нема населба во која нема макар по еден проект. Сега го подготвуваме Тетово за второ ниво, за европски стандарди. Ќе биде отворена и транспарента општина, дигитализирана и со онлајн поднесување на барањата, ќе ги реформираме јавните претпријатија, со јавно осветлување во сите населени места, со бесплатен јавен превоз, со електрични автобуси, со подобар водовод, со нов паркинг-систем „Паркирај и вози“, катни гаражи, со центри за стари лица и лица за попреченост… – најави Касами.

Димитриевски: Куманово мора да биде нов регионален центар на Балканот

Куманово мора да биде нов регионален центар и движечка економска сила на овој дел на Балканот, а не само во Македонија, порача вчера кандидатот за градоначалник од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски. Програмата што ја нуди, кажа Димитриевски, е реална и остварлива, целта е младите да останат и тука да ја градат својата иднина.

Тој нагласи дека ЗНАМ излегува со утврдени, континуирани резултати со преку 800 проекти во изминативе осум години.

– Куманово заслужува да продолжи, Куманово знае и Македонија знае дека е потребен континуитет. Ние пред граѓаните ќе излеземе со реално остварлива програма. За разлика од останатите, ќе го покажеме што тоа, всушност, го работевме во изминатите осум години. Куманово мора и заслужува да биде нов регионален центар на Балканот а не само во Македонија во кој, покрај локалната ќе се развива и регионалната економија, ќе се зголемуваат бројот на работните места во градот, ќе имаме и домашни, но и странски инвестиции – нагласи Димитриевски повикувајќи ги граѓаните на конвенцијата што ќе се одржи утре во 10 часот на градскиот плоштад во Куманово.

Кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на скопската општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, вчера порача дека на граѓаните им е потребен ред, чистота, безбедност и функционален урбанизам, а не хаос и бетонизација.

– Најавувам кати и монтажни гаражи во Буњаковец, Капиштец и во близина на новата железничка станица, темелно чистење на Центар во првите 100 дена, современ систем за хигиена, безбедни маршрути до училиштата за децата, селекција и рециклирање на отпадот… – најави Лабудовиќ.

ИЗДВОЕНИ