Од здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бараат надлежните институции да воведат современ, хуман и европски модел за справување со лајшманиозата – преку превенција, лекување, згрижување и вдомување, а не ликвидација, мерка која според нив е неетичка, неефикасна и злоупотреблива

 

Здруженијата за заштита на животните потсетуваат на иницијативата за укинување на мерката за евтаназија на кучиња со лајшманиоза како неетичка, неефикасна и злоупотреблива, која заедно ја поднесоа пред повеќе од еден месец, со јасно барање – итно укинување на мерката за задолжително тестирање и автоматска евтаназија на бездомни кучиња со лајшманиоза, пропишана во точката 6.2 од Годишната наредба за здравствена заштита на животните.

– Оваа мерка е морален, научен и институционален пораз. Таа дозволува убивање на здрави животни под изговор на „заштита“, без никакво јавно-здравствено оправдување. Наместо превенција и контрола на векторите – единствениот вистински начин за справување со болеста – државата со години го избира најлесниот и најсуров пат: уништување на живот – нагласуваат од здружението за заштита на животните „Анима мунди“.

Оттаму додаваат дека од нејзиното воведување, мерката по инерција се повторува секоја година, без никакви резултати, легитимира убивање, и како што велат, служи како параван за трошење јавни средства и претставува смртна пресуда за илјадници здрави, мирни бездомни животни.

Од  „Анима мунди“ наведуваат дека ниту една земја од ЕУ нема ваква практика, ниту, пак, оние со висока ендемичност како што се: Грција, Италија или Шпанија.

– Светската здравствена организација, ЕЦДЦ и ЦДЦE и ЦДЦ јасно укажуваат дека лајшманиозата не се пренесува од куче на човек, туку преку песочни мушички. Значи, не убивањето, туку превенцијата е одговорот – сметаат од „Анима мунди“.

Според  здружението, мерката е длабоко неправедна и дискриминаторска – се применува исклучиво врз бездомни животни, додека сопственичките остануваат надвор од системот.

–Тоа е двоен стандард, медицински апсурд и цивилизациски срам –  децидни се од „Анима мунди“.

Тие бараат надлежните институции да воведат современ, хуман и европски модел за справување со лајшманиозата – преку превенција, лекување, згрижување и вдомување, а не ликвидација.

– Ова прашање одамна го надминува полето на ветеринарната политика. Ова е прашање на вредности, морал и наука – затоа што мерката што е медицински и научно нелогична, не може да биде оправдана ниту законски ниту човечки. Дали сакаме држава што убива или држава што штити? Македонија може подобро – а животните заслужуваат правда – заклучуваат од „Анима мунди“.

 

 

ИЗДВОЕНИ