Италијанската полиција откри нелегална фабрика за тутун – запленети се 27 тони цигари

26

Италијанските власти открија нелегална фабрика за тутун во близина на Рим, која произведувала околу четири милиони фалсификувани цигари дневно, избегнувајќи милиони евра даноци и царински давачки, соопштија италијанските и институциите на Европската унија.

Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO), која ги координираше рациите, соопшти дека се запленети 27 тони готови цигари, 19 тони тутун, 134 палети материјал и четири камиони.

Фабриката е откриена во градот Помеција, околу 30 километри јужно од Рим, и произведувала цигари спакувани под познати брендови, соопштија италијанската финансиска полиција Guardia di Finanza (GdF) и EPPO, објави „Ројтерс“.

Фалсификуваните производи ги вклучувале брендовите „Marlboro“ (Philip Morris), „Rotmans“ (British American Tobacco), како и „Camel“ и „Winston“ (Japan Tobacco).

Седум мажи од Украина и Бугарија беа пријавени кај судските органи за поседување на шверцувани тутунски производи и фалсификување на трговски марки.

Полицијата, исто така, наводно открила дополнителен објект во Ферентино, јужно од Рим и Помеција, кој се користел за складирање на материјали и готови производи.

Според проценките на EPPO и GdF, овие објекти би можеле да генерираат стока во вредност од околу 700.000 евра дневно, или приближно 240 милиони евра годишно, со загуби од околу 160 милиони евра во неплатени даноци и акцизи.

Истражителите рекоа дека осомничените користеле уреди за блокирање на сигналот и детектори на фреквенција за да избегнат откривање, додека нелегалните локации биле лоцирани со помош на беспилотни летала, видео надзор и долгорочни активности за следење, пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ