четврток, февруари 5, 2026
Дома СВЕТ Истече Нов СТАРТ: Првпат по Студената војна може да почне глобална трка...

Истече Нов СТАРТ: Првпат по Студената војна може да почне глобална трка за нуклеарно вооружување

23

 

Русија даде првични предлози за обнова на договорот во септември, но администрацијата на Трамп официјално не одговори, пишува бриселски „Политико“. Трамп сака да ја вклучи и Кина во договорот. Ако дозволиме да истече Нов СТАРТ без замена или продолжување, ќе влеземе во нов застрашувачки свет каков што не сме виделе со децении, предупреди претходно демократ од Калифорнија

 

Непродолжувањето на договорот за контрола на оружјето меѓу САД и Русија – Нов СТАРТ, чија важност истече вчера, би можело да предизвика глобална трка во нуклеарното вооружување, првпат од Студената војна.

Каква идеја има американскиот претседател, Доналд Трамп? Русија даде првични предлози за обнова на договорот во септември, но неговата администрација официјално не одговори, пишува бриселски „Политико“. Новиот договор СТАРТ, кој истече во четвртокот, беше склучен во 2010 година и го ограничи бројот на распоредени нуклеарни ракети, бомбардери и боеви глави што би можеле да ги имаат и САД и Русија.

Веројатното прекинување на договорот доаѓа во особено тензично време. Русија и Кина ги прошируваат своите стратешки арсенали, а Кремљ се закани дека ќе употреби нуклеарно оружје врз Украина.

– Гледаме многу неизвесен пат пред себе. Освен ако Трамп и Путин наскоро не постигнат некаков вид разбирање, не е малку веројатно дека Русија и САД ќе почнат да поставуваат повеќе боеви глави на своите ракети – рече Дарил Кимбал, извршен директор на Здружението за контрола на оружјето.

Русија, во текот на изминатата деценија, значително ги прошири своите сили со среден дострел способни за носење нуклеарно оружје, како што е „орешник“, балистичка ракета што ја користеше во борбата со Украина. Кина повеќе од двојно го зголеми својот нуклеарен арсенал, бидејќи САД намалија некои платформи способни за носење нуклеарно оружје.

Претседателот Доналд Трамп посочи дека би сакал нов договор, но рече дека сака тој да ја вклучи Кина. Понудата на рускиот претседател, Владимир Путин, од септември би ги продолжила ограничувањата на Нов СТАРТ за уште една година, иако би спречила инспекции на оружјето. Путин, исто така, побара Велика Британија и Франција да учествуваат во дополнителен договор.

Пентагон упати прашања до Белата куќа. Во соопштението на Белата куќа се вели дека Трамп „ќе одлучи за иднината на контролата на нуклеарното оружје, што ќе го разјасни кога ќе одлучи тој“.

Додека претседателот го разгледува следниот чекор, тој ги минимизира ризиците од немањето договор за контрола на оружјето во догледна иднина. Во јануарското интервју за „Њујорк тајмс“, Трамп изјави дека ќе може да склучи подобар договор.

– Ако истече, истекува. Само ќе склучиме подобар договор – рече тој.

Но, некои поранешни функционери изразија фрустрација од подготвеноста на администрацијата да се откаже од договорот само затоа што не ја вклучува Кина.

Истекувањето на Нов СТАРТ значи дека првпат САД се без договор за контрола на нуклеарното оружје со Русија, по речиси 40 години, уште од администрацијата на Реган. Некои демократски пратеници кренаа тревога во деновите пред истекувањето на договорот.

– Ако дозволиме да истече Нов СТАРТ без замена или продолжување, ќе влеземе во нов застрашувачки свет каков што не сме виделе со децении: свет без ограничувања на нуклеарните арсенали на двете најголеми нуклеарни сили – рече Џон Гараменди, демократ од Калифорнија, еден од коспонзорите.

Сепак, не се очекува веднаш да се промени нуклеарниот пејзаж. Инспекторите ги следеа ограничувањата на оружјето за двете земји. Но, Кремљ во 2023 година им забрани на службениците да ги набљудуваат неговите арсенали, што ја ограничи нивната способност да го спроведуваат договорот. И почетната руска понуда за рестартирање на преговорите не вклучуваше механизми за верификација, вклучувајќи инспекции и размена на податоци, така што двете страни, можеби, имаат долг пат пред себе за повторно воспоставување цврста контрола. Во меѓувреме, американскиот арсенал брзо старее – и вклучува оружје што е старо повеќе од 50 години. Првпат по децении, Европа би можела да ѝ се приклучи на трката за вооружување. Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, минатата недела изјави дека сојузниците почнале да разговараат за изградба на заеднички нуклеарен чадор на континентот. Шведскиот премиер, Улф Кристерсон, исто така, рече дека почнал дипломатски разговори со Франција и со Велика Британија – единствените нуклеарни сили на континентот – за развој на дополнителни нуклеарни капацитети за Европа. Експертите очекуваат и кинескиот лидер, Си Џинпинг, да реагира. Сметаат дека Кинезите ќе се охрабрат да го забрзаат своето веќе загрижувачко стратешко зголемување на оружјето.

ИЗДВОЕНИ