Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) денес објави дека неговите воздухопловни сили ја нападнале и „уништиле“ централната инфраструктура за податоци на американската компанија Амазон во Бахреин. Според нивните тврдења, во нападот биле употребени неколку крстосувачки ракети, а целите биле „американски системи за воздушна одбрана и радарски инсталации“ во бахреинските области Мухарак и Рифа, пишува Еуроњуз.
Засега нема официјална потврда за нападот. Властите на Бахреин, Соединетите Американски Држави и компанијата „Амазон“ сè уште не се изјасниле по тврдењата на Техеран.
Иран претходно предупреди дека ќе ги гаѓа објектите и инфраструктурата во земјите од регионот што ги користат американските сили доколку продолжат американските напади врз ирански цели. Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран ќе плати „многукратно повисока цена“ поради неодамнешната смрт на тројца американски војници во Јордан и Ирак.
ИРГЦ наведува дека нападот бил изведен како одговор на, како што го нарекува, „американскиот воен напад врз цивилни објекти во изградба во Дарховин“.
Во меѓувреме, постојаната мисија на Иран при меѓународните организации во Виена ги повика Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и Советот за безбедност на Обединетите нации да го осудат американскиот напад врз нуклеарната централа Дарховин, која сè уште е во изградба.
Од МААЕ соопштија дека ги разгледуваат извештаите за инцидентот, но дека засега немаат објавено независна процена за настанот.












