
Иранската Влада објави дека го суспендирала рамковниот договор со САД, поради, како што тврди, американско кршење на обврските според Меморандумот за разбирање од Исламабад.
Заменик-министерот за надворешни работи, Казем Харибабади, нагласи дека Иран е зафатен со одбрана на својата земја и дека повеќе не се чувствува обврзан да ги почитува договорените услови. Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, рече дека повтореното прекршување од страна на САД покажува дека потписот на претседателот Доналд Трамп е „целосно безвреден“.
Договорот, кој требаше да го отвори патот за траен крај на војната и да го отвори Хормускиот Проток, сега е доведен во прашање поради ескалацијата на конфликтот.
Американските вооружени сили во неделата соопштија дека ја завршиле осмата последователна серија воздушни напади врз силите на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, а нападите биле изведени како директен одговор на неодамнешниот удар во Јордан. Со ова дополнително ескалираше воениот конфликт околу стратешки важниот Хормуски Проток. Американската армија потврди дека загинале двајца војници, еден се води како исчезнат, а уште четворица биле хоспитализирани по иранскиот напад.
Од почетокот на воените дејства загинаа вкупно 16 американски војници, а повеќе од 430 се повредени. Од друга страна, иранските власти претходно соопштија дека загинале најмалку 50 лица, а повеќе од 500 се повредени во американските воздушни удари по новата ескалација на тензиите во Персискиот Залив.











