Понудата на Иран до Соединетите Држави за повторно отворање на Ормускиот теснец во рок од седум дена сè уште е на маса, изјави во неделата иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
„Доколку Американците ги исполнат овие услови, Ормускиот теснец ќе биде отворен шестиот ден, а преговорите ќе започнат седмиот ден“, напиша Аракчи на „Телеграм“, пренесува „Ал Џезира“.
„Нашиот став е јасен и се заснова на предлогот за седумдневен рок, претставен пред Соединетите Држави. Тие изнесоа забелешки кои моментално ги разгледуваме, но нашиот предлог останува на маса. Ако постои каква било искреност од страна на САД – а ја нема – патот кон повторно отворање на Ормускиот теснец е очигледен“, изјави Аракчи во Багдад, каде што присуствуваше на состанок на Организацијата за исламска соработка, пренесува „Ројтерс“.
Иран го изнесе овој предлог кон средината на септември, по пропаѓањето на привременото примирје.
Техеран подоцна потврди дека добил одговор од САД, но еден ирански безбедносен претставник минатата недела изјави дека преговорите се во застој бидејќи Вашингтон не успеал да ги исполни сите седум услови за повторно отворање на теснецот.
Условите на Иран, меѓу другото, вклучуваат укинување на американската блокада на неговите пристаништа, отстранување на американските санкции врз извозот на иранска нафта, како и прекин на непријателските дејствија на сите регионални фронтови.
Клучен предмет на спор е инсистирањето на Вашингтон прашањето за иранската нуклеарна програма да се разгледува уште од самиот почеток. Американскиот потпретседател Џ. Д. Венс претходно овој месец изјави дека Иран мора „значително“ да ги намали своите капацитети за збогатување ураниум за да ги исполни барањата на САД и да стави крај на војната што трае веќе осум месеци.
Техеран смета дека преговорите првично треба да се фокусираат на отворањето на Ормускиот теснец и воспоставувањето безбедност долж тој витален воден пат.












