„Нашата цел е публиката да слушне за македонската опера и балет не само во Скопје и низ Македонија, туку и во Виена, Берлин или Париз. Тоа е процес што бара многу финансии и одлична логистика, но е инвестиција која долгорочно ја зајакнува културната дипломатија на Македонија… Треба да развиваме концепти кои ќе ги доближат операта и балетот и до младите генерации, преку иновативни сценски решенија, современи режисерски пристапи и покреативна комуникација со јавноста. Дополнително, потребна е програма која ќе биде динамична, флексибилна и усогласена со меѓународните трендови. Со тоа не само што ќе ја привлечеме домашната публика туку и ќе создадеме услови ’Националната опера и балет’ да стане регионален центар кој ќе привлекува културен туризам“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР, Оливер Арсовски, директор на „Националната опера и балет“
Со оглед на веќе големо искуство во претходното водење на „Македонската опера и балет“, што е она што недостасуваше во изминатите години кога во прашање е програмскиот дел, кој треба да ја привлече публиката?
Она што недостасуваше во изминатите години е јасна стратегија за балансирање помеѓу класиката и современото творештво, како и поактивен пристап кон публиката. Програмата често се темелеше на добро познати наслови, кои секако се неопходни, но, ретко се ризикуваше со новини кои можат да отворат врати за публиката од различни генерации. Денес, предизвикот е како да се сочува достоинството на традицијата, а истовремено да се внесе свежина која ќе ја возбуди јавноста. Токму тука гледам простор за нови ангажмани. Да развиваме концепти кои ќе ги доближат операта и балетот до младите генерации, преку иновативни сценски решенија, современи режисерски пристапи и покреативна комуникација со јавноста. Дополнително, потребна е програма која ќе биде динамична, флексибилна и усогласена со меѓународните трендови. Со тоа не само што ќе ја привлечеме домашната публика туку и ќе создадеме услови „Националната опера и балет“ да стане регионален центар кој ќе привлекува културен туризам.
Сезоната официјално ја започнавте со „Реквием“ на Моцарт, но првата претстава во оваа сезона, всушност, беше балетско дело од македонски автор. Дали предзнакот македонски, во иднина почесто ќе можеме да го слушнеме во рамките на програмата?
„Националната опера и балет“ отсекогаш била и мора да остане амбасадор на македонската културна мисла. Почетокот на оваа сезона со македонско балетско дело не е случајност, туку јасна порака дека нашиот идентитет и нашето културно наследство имаат централно место во програмата. Уметноста е најсилниот носител на националниот дух и токму преку балетски и оперски дела од македонски автори ја гради сопствената автентичност. Во иднина, амбицијата е сè почесто да го слушаме предзнакот „македонски“, не само како формален додаток туку и како суштинска вредност која ќе биде препознаена и надвор од нашите граници. Работиме на тоа делата на нашите композитори и кореографи да добијат свое заслужено место во репертоарот, покрај големите светски класици. Ова значи континуирана поддршка за современи автори, но и оживување на богатата традиција која можеби била недоволно застапена. Сигурен сум дека комбинацијата на македонски дела со интернационалниот репертоар ќе ѝ даде на нашата куќа единствен печат и ќе ја направи уште поатрактивна и за домашната публика и за меѓународната сцена.
„Железниот репертоар“ е она што секоја национална оперска и балетска куќа ја прави атрактивна во светски рамки, но дали можеме да „извеземе“ македонски продукт и надвор од границите на државата?
Апсолутно верувам дека можеме и мораме да го „извеземе“ македонскиот уметнички продукт. Секој национален театар ја црпи својата уникатност од сопствената културна почва. Доколку ги имаме „железните“ дела од светската литература како задолжителен дел од репертоарот, тогаш македонската оригиналност е она што ни дава автентичност и конкурентска предност.
Македонската музичка и кореографска традиција е богата со мотиви, ритми и приказни кои се препознатливи, но во исто време доволно универзални за да бидат разбрани од меѓународната публика. Ние веќе имаме искуство со гостувања надвор од земјата, кои потврдија дека постои интерес за нашите продукции.
Во следниот период мојата визија е да настапуваме на меѓународни фестивали и да создаваме меѓународни копродукции. Нашата цел е публиката да слушне за македонската опера и балет не само во Скопје и низ Македонија туку и во Виена, Берлин или во Париз. Тоа е процес што бара многу финансии и одлична логистика, но е инвестиција која долгорочно ја зајакнува културната дипломатија на Македонија.
„Националната опера и балет“ секогаш ги пречекувала најеминентните светски оперски и балетски имиња. Што може да очекуваме годинава. Дали можете да ни откриете некои од нив?
Нашата институција има долга традиција на соработка со врвни уметници од светската сцена и оваа година нема да биде исклучок. Сметам дека токму присуството на интернационални имиња е фактор кој ја подига уметничката вредност на нашите продукции, но и претставува мост за нашите уметници да се вмрежуваат и да учат од најдобрите. Во текот на сезоната очекуваме настапи на интернационално афирмирани диригенти, солисти, како оперски, така и балетски, и кореографи кои ќе донесат нов квалитет и инспирација. Некои од нив веќе настапувале на најголемите сцени во Милано, Виена, Москва и Њујорк, а нивното присуство во Скопје ќе биде потврда дека и нашата куќа може да биде дел од светската мапа на престижни културни институции. Паралелно, активно работиме и на тоа домашните уметници да настапуваат рамо до рамо со овие ѕвезди, бидејќи само преку таква соработка можеме да растеме.
Болното прашање за секое раководство на една ваква културна установа се финансиите. Дали сте задоволни од средствата со кои располагате и дали работите на обезбедување на дополнителни средства, со кои програмата, но и условите ќе ги подигнете на највисоко очекувано ниво?
Финансиите се секогаш чувствителна тема, затоа што операта и балетот се многу креативни гранки, но и многу скапи дејности. Државата издвојува значајни средства за функционирањето на „Националната опера и балет“, и за тоа сме благодарни. Но, доколку сакаме да бидеме конкурентни со европските институции, мора да размислуваме и за алтернативни извори на финансирање. Затоа, паралелно со државната поддршка, работиме на воспоставување партнерства со приватниот сектор, амбасадите и културните фондации. Верувам дека културата е заедничка инвестиција, и на државата и на општеството, затоа што придобивките се за сите граѓани. Со дополнителни средства ја подигнавме продукцијата на повисоко ниво, создадовме поквалитетни услови за уметниците и ја унапредивме техничката поддршка. Целта не е само да се преживее, туку да се создаде културна куќа која ќе биде двигател на уметничкиот живот и гордост на Македонија. Оптимист сум дека со јасна визија и транспарентно управување можеме да обезбедиме уште поголема доверба и поддршка од јавноста и од донаторите.
Кога сме кај условите за работа на уметниците, со какви проблеми се соочувате и што се прави во насока на нивно решавање?
Секоја институција од овој ранг се соочува со предизвици, од техничка инфраструктура, преку сценска опрема, па сè до просторни капацитети за проби и за изведби. Нашите уметници секојдневно вложуваат огромна енергија и талент, а тоа мора да биде поддржано со соодветни услови за работа. Проблемите често произлегуваат од застарената опрема и од ограничените ресурси, но во последниот период веќе започнавме процес на модернизација. Инвестирањето во сценска техника, во костими и во реновирање на просториите е приоритет. Уверен сум дека подобрувањето на условите не е само материјално прашање, туку и мотивациско. Кога уметникот знае дека институцијата се грижи за неговата работа и за неговиот креативен развој, тогаш резултатите се неизбежни. Во последната година успеавме да ги мотивираме уметниците и да го подигнеме еланот за работа во колективот. Мојата визија е „Националната опера и балет“ да биде дом во кој секој уметник се чувствува ценет, почитуван и инспириран.
Кога човечкиот потенцијал е на највисоко ниво во една установа, тогаш и успесите се неминовни. Дали сте задоволни од професионалноста и од пожртвуваноста на вработените уметници и целиот тим кој работи во Операта и балетот?
Апсолутно сум горд на тимот со кој работам. „Националната опера и балет“ е жив организам составен од уметници, техничари, администрација и многу други луѓе чија посветеност е незаменлива. Професионалноста и пожртвуваноста на нашите вработени се движечка сила која ја одржува оваа институција на високо ниво.
Балетските уметници, оперските солисти, оркестарот, хорот, сите тие вложуваат безброј часови труд за публиката да ја добие магијата што ја очекува. Но, исто така, морам да ја истакнам и улогата на тимот кој работи зад сцената, луѓето што се грижат за осветлувањето, тонот, сценографијата и за костимите. Тие се невидливите херои на секоја претстава. Мојата задача како директор е да ја негувам оваа енергија и да обезбедам услови во кои тимот ќе расте и ќе се чувствува вреднуван. Верувам дека токму човечкиот потенцијал е најголемата сила на оваа институција и дека со него можеме да продолжиме да ги освојуваме срцата на публиката дома и во светот.
Даниела ТРАЈКОВСКА