Интерпол објави дека 260 лица се уапсени во 14 африкански земји во операција за сајбер криминал под сомнение дека се одговорни за „романтични измами“ и онлајн изнуда во вредност од речиси 2,8 милиони долари.
Операцијата беше спроведена во јули и август и се фокусираше на измами во кои сторителите градат романтични врски преку интернет за да извлечат пари од жртвите или да ги уценуваат со експлицитни фотографии, се вели во соопштението. Интерпол соопшти дека измамите биле насочени кон повеќе од 1.400 жртви.
„Единиците за сајбер криминал низ Африка пријавуваат нагло зголемување на дигиталните злосторства, како што се измамите со секс и романса“, рече Сирил Гут, вршител на должноста извршен директор на полициските служби на Интерпол, пренесува Срна.
Тој додаде дека ширењето на социјалните платформи „отвори нови можности за криминалните мрежи да ги експлоатираат жртвите, предизвикувајќи финансиски загуби и психолошка штета“.