Новопоставените информативни табли во Националниот парк „Шар Планина“ се цел на вандализам. Некои се искршени, исчкртани, бутнати на земја. За ова со голема тага и разочараност информираа од НП „Шар Планина“.
Оттаму велат дека овој чин е пријавен во полиција и надлежните органи веќе работат на пронаоѓање на сторителите.
– Додека ние со љубов и посветеност го чистиме отпадот и работиме на унапредување на искуството за сите посетители, некои избираат да рушат и уништуваат. Овие вандалски дејства не се само непочитување на трудот на сите што се грижат за Шара туку и директен напад врз државна институција и заштитено природно богатство. На сторителите нека им служи на чест – потенцираат од НП „Шар Планина“.
Тие ги повикаа сите оние што вистински ја сакаат Шар Планина, да придонесат кон нејзината заштита.
– Чувајте ги информативните табли, тие се таму за сите нас. Поддржете ја одржливоста на паркот со плаќање на надоместокот за влез со моторно возило, едноставно, со испраќање СМС-порака. Да ја чуваме Шара, за нас и за генерациите што доаѓаат! – порачаа од НП „Шар Планина“.
Од Управата на овој национален парк повторија дека жителите на селата во рамките на паркот, сопствениците на приватни имоти, како и правните лица регистрирани на територијата на паркот се ослободени од надоместокот за движење во своите зони.