Светското првенство во 2026 година, кое се одржува во САД, Канада и Мексико, отвори бројни прашања околу работата на ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино, кој се соочува со сè поголем притисок пред изборите во 2027 година.

Според медиумските извештаи, во УЕФА расте незадоволството од начинот на кој ФИФА го води светскиот фудбал, па европската куќа на фудбалот веќе размислува да поддржи противкандидат на Инфантино.

Претседателските избори се закажани за март 2027 година, а кандидатурите ќе можат да се поднесуваат до 18 ноември оваа година.

Иако првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин, се споменуваше како можен кандидат, тој засега нема намера да се кандидира. Меѓу имињата што се разгледуваат е и претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, кој исто така не е заинтересиран лично да ја преземе функцијата.

Поради тоа, како сериозен кандидат се споменува полскиот бизнисмен Дариуш Миодушки, претседател на Легија Варшава, и потпретседател на Европската клупска асоцијација. Сепак, без силна поддршка од УЕФА, секој потенцијален противкандидат тешко би можел да го загрози Инфантино.

Актуелниот претседател ја води ФИФА од 2016 година, но неговиот мандат сè почесто е предмет на критики. Дополнителни контроверзии предизвикаа неговите блиски односи со американскиот претседател Доналд Трамп, како и бројните организациски проблеми на Светското првенство.

Особено на удар се најдоа процедурите за издавање визи, поради кои навивачи, новинари и официјални лица од повеќе земји, меѓу кои Иран, Ирак и Сомалија, имаа сериозни тешкотии да пристигнат на турнирот.

Следните месеци би можеле да бидат клучни за иднината на ФИФА, бидејќи европскиот фудбал, очигледно, подготвува сериозен предизвик за Инфантино на изборите следната година.

ИЗДВОЕНИ