Народната банка ќе направи нагорна проекција на инфлацијата, најави вицегувернерката Ана Митреска. Таа оцени дека се соочуваме со историски највисоко ниво на економска неизвесност што не е проблем само за носителите на макрополитиките, туку и за бизнис секторот. Клучен ризик, напомена, се трговските тензии поради нејасни и непредвидливи договори меѓу земјите.

Според октомвриските оцени на Советот на Народната банка, за 2025 година се очекува сведување на инфлацијата на 2,5% и нејзино постепено нормализирање на 2% на среден рок. Анализирајќи ја инфлацијата, Митреска нагласи дека растот на цените значително се смири споредено со двоцифрените нивоа од крајот на 2022 година и со такви шокови беше очекувано да се видат сериозни ефекти.

– Имајќи го предвид смирувањето на глобалните тензии, инфлацијата се смири на 3,5 отсто, па оваа година забележа одредено забрзување на четири отсто. Се соочуваме со продолжена инфлација и одредена разлика во однос на инфлаторните стапки во еврозоната – пазарот не се прилагоди соодветно, базичната инфлација е инертна и се движи околу пет проценти поради повеќе други фактори и ефекти на пример од силната кредитна активност, пораст на платите итн… Ние не направивме промени на каматната стапка од февруари за разлика од Европската централна банка (ЕЦБ), но презедовме други мерки кои обезбедуваат отпорност на економијата. На среден рок, со самиот факт дека е повисока инфлацијата (четири отсто) за разлика од проценките за три проценти, многу е веројатно да направиме нагорна корекција за годинава и на среден рок да стигнеме до посакуваните два отсто и да се усогласиме со еврозоната – потенцира Митреска.

Според неа, глобалната неизвесност и непредвидливост веќе половина деценија е неизбежен дел од макроекономските проекции.

– Се соочуваме со историски највисоко ниво на економска неизвесност. Ова не е проблем само за носителите на макрополитиките, туку и за бизнис секторот при носењето долгорочни бизнис планови. Анализите покажуваат дека скоро 83 проценти од анкетираните компании во ЕУ ја навеле неизвесноста како клучен фактор при носење одлуки за инвестиции – рече Митреска.

Оценката за глобалниот раст за следната година е да биде околу 1,2% и тоа ќе биде вклучено во проекциите на Народната банка во наредниот период.

– Иако малите отворени економии, како што е македонската, имаат голема полза од глобализацијата и интернационализацијата, сепак кај нив најмногу се чувствуваат притисоците од геополитичкиот фронт. Податоците покажуваат дека уделот на регионот во надворешната трговија на Македонија е само 11%, за разлика од ЕУ, која има големо учество, а истото се случува и со капиталот. Перспективата не ја гледам во оддалечување, туку во зајакнување на регионелниот пазар во конкурентска заедничка смисла. Сепак, состојбата уште е анемична и треба да се работи на тоа, на пример со креирање акциски планови за регионален заеднички пазар за поголема економска кохерентност на регионот – рече вицегувернерката.

Во врска со банкарскиот сектор, таа истакна дека ја задржа стабилноста во сериозни кризи, кои инаку се случуваат еднаш во векот, а овојпат се случија последователно во период од пет години.

– Банките континуирано обезбедуваа финансиска поддршка за економијата. Притоа, нефункционалните пласмани изнесуваат 2,4%, процент кој е двојно понизок од пред пандемијата. Имаме здрав, јак, стабилен банкарски сектор – рече Митреска.

ИЗДВОЕНИ