Семејна прослава во Леверкузен, Германија, се претвори во масовна тепачка за време на која беа нападнати и повредени полицајци, а на местото на настанот беа распоредени 150 полицајци, објавија денес локалните власти, додавајќи дека полициската интервенција започнала околу 23 часот и завршила околу 6:30 часот.
Според полицијата, околу 50 лица славеле во еден бар, а полицијата интервенирала неколку пати поради бучавата, меѓутоа, кога се обиделе да ја спречат прославата околу 23 часот, гостите ги нападнале полицајците.
Според германски „Тагесшау“ (Tagesschau), полицајците биле нападнати со тупаници, а една полицајка била удрена со стол фрлен од учесниците на забавата.
Вкупно тројца полицајци се полесно повредени, од кои двајца се згрижени во болница.
За време на инцидентот, избувна тепачка меѓу гостите во барот, откако лицата кои учествувале во нападот врз полицијата ја заклучиле влезната врата.
Според медиумските извештаи, повеќето од учесниците во тепачката припаѓаат на семејството Гоман, кое претходно беше поврзано со измами и кражби.
Полицијата преку ноќ повика засилување за да ги контролира учесниците и да ја смири ситуацијата, а на местото на настанот имаше околу 40 полициски возила.
Интервенцијата заврши во 6:25 часот наутро, а надлежниот судија ќе одлучи за понатамошната постапка против уапсеното лице, соопшти полицијата во Келн, како што јави „Танјуг“.












