Вистинска сензација пристигнува од Литванија откако екипата на Ритас Вилнус реши да се раздели со тренерот Гиедриус Жибенас само неколку месеци по историското освојување на ФИБА Лигата на шампионите. Иако сезонава му ја донесе најголемата европска титула на клубот, домашниот дебакл беше прескап.
Ритас сензационално беше елиминиран во четврт-финалето од литванскиот шампионат, од Јувентус Утен, со 2:0 во серијата, а поразот на домашен терен со 101:95 беше капка што ја прелеа чашата.
Првпат од 1997 година клубот од Вилнус не успеа да стигне до полуфиналето во домашното првенство, што предизвика огромно разочарување кај навивачите и кај раководството.
Жибенас беше на клупата од 2021 година и во тој период освои две шампионски титули во Литванија, а сезонава и најголемиот меѓународен успех во историјата на клубот. Сепак, во Вилнус решија да свртат нова страница, а разделбата со тренерот што донесе европска слава дефинитивно е една од најголемите кошаркарски вести во Литванија ова лето.











