Илјадници невработени бараат работа, а се молат да не ја најдат

Статистичкиот податок дека има 10 илјади слободни работни места во државата уште еднаш го потврди македонскиот парадокс дека и покрај тоа што има голем број невработени, во одредени сектори постојано недостигаат работници. Се бараат работници во услужните дејности, трговијата, подготовката на храна, преработувачката индустрија, во сместувачките капацитети... Работодавците го објаснуваат овој феномен со фактот што најголем дел од невработените лица не се ни обидуваат да ги подобрат своите вештини и оти повеќе им одговара да останат на грбот на државата

1

Во време кога недостигот на работници во секој сектор е најголем проблем на компаниите, на пазарот на трудот во Македонија има над 10 илјади слободни работни места. Податоците на Државниот завод за статистика покажува дека најмногу недостигаат работници во услужните дејности, трговијата, подготовката на храна, преработувачката индустрија, во сместувачките капацитети… Според работодавците, во голем дел од овие сектори постојано недостигаат работници, а причината е летната туристичка сезона. Голем дел од работниците заминуваат на сезонска работа во странство и не се враќаат, поради тоа овие места остануваат непополнети.

Од друга страна, пак, во Агенцијата за вработување има десет пати повеќе невработени лица од она што недостига во моментов во приватниот сектор во државата. Работодавците го објаснуваат овој феномен со фактот што најголемиот дел од невработените лица не се ни обидуваат да ги подобрат своите вештини и оти повеќе им одговара да останат на грбот на државата.

– И покрај тоа што во државата има многу програми за преквалификација и доквалификација, проблем е што никој не се јавува на тие повици. Не може некого сосила да го натераш да со доквалификува и да прифати одредена работа. Од друга страна, дел од лицата што се пријавуваат во Агенцијата за вработување како невработени или работат на црно или добиваат социјална помош, па затоа им одговара статусот на невработени – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Тој појаснува дека доколку му недостигаат 20-мина работници со одредени знаења и вештини, работодавецот се обраќа до Агенцијата за вработување и таа објавува оглас за обука. Откако ќе заврши обуката, работодавецот има обврска да вработи најмалку половина од овие лица.

– Проблем е што на овие огласи за преквалификација и доквалификација не се јавува никој. Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување мора да направат анализа кај се тие луѓе и зошто не се пријавуваат на огласите. Секако дека е подобро да ги обучиме нашите невработени отколку да увезуваме работници однадвор. Работодавецот е должен да им обезбеди на работниците однадвор стан каде што ќе престојуваат, а киријата се регулира со договор за работа. Така, во некој случаи киријата ја плаќа работодавецот, а во некои работникот и во тој случај добива повисока плата – вели Димитров.

Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, смета дека проблемот кај нас е што сè уште има невработени што бараат работа за да не ја најдат.

– Вообичаено, некои компании често објавуваат огласи за слободни работни места. Причината е што во овие сектори постојано има флуктуација на работници, односно едни си одат, други доаѓаат. Така, работодавците во угостителството, туризмот, преработувачката индустрија… постојано имаат потреба од нови работници. Од друга страна, во Агенцијата за вработување има голем број лица што бараат работа за да не ја најдат, односно или се социјални случаи или работат на црно – изјави Бошков за весникот ВЕЧЕР.

Според Статистика, стапката на слободни работни места во третото тримесечје од 2025 година изнесувала 2,02 отсто, а најголем број слободни работни места, 2.052, имало во групата елементарни занимања. Вардарскиот Регион има највисока стапка на слободни работни места, од 2,53 отсто. Највисока стапка на слободни работни места, од 3,69 отсто, има секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, додека најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој изнесува 0,22 отсто. Деловните субјекти со 10 до 49 вработени имаат највисока стапка на слободни работни места, од 2,70 отсто.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ