четврток, јули 23, 2026
Дома СВЕТ И САД и Иран прогласија победа, а мирот е неизвесен

И САД и Иран прогласија победа, а мирот е неизвесен

243
epaselect epa12874342 Iranians burn U.S. and Israeli flags during a demonstration following the announcement of a two-week ceasefire at Enghelab Square in Tehran, Iran, 08 April 2026. Iran and the USA agreed to the two-week truce to halt military operations and keep the Strait of Hormuz open for oil and gas shipments, with formal peace talks set to begin in Islamabad on 10 April. EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Трамп објави дека ова е голем ден за светскиот мир, а Хамнеи соопшти дека им наредил на сите гранки на армијата да престанат со стрелбата „иако ова не е крај на војната“. Многу Иранци, доброволно или под притисок од бруталниот режим, по објавата на примирјето излегоа на улиците, каде што палеа американски и израелски знамиња. Земјите ширум светот го поздравија договорот, а шпанскиот премиер, Педро Санчез, даде уште една легендарна изјава: „Шпанската влада нема да им аплаудира на оние што го запалија светот само затоа што се појавија со кофа вода“. И покрај примирјето, Израел продолжи со нападите на Либан, иако таа држава, според посредникот Пакистан, е опфатена со договорот за примирје

Светот здивна по информацијата дека е тргнат од работ на катастрофата кога САД и Иран и прифатија примирје, при што и двете страни прогласија победа.

Трамп објави дека ова е голем ден за светскиот мир и дека нема никакво сомневање дека САД оствариле „целосна и апсолутна победа“. И Иран тврди дека извојувал голема победа. Според соопштението на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, ги принудиле САД да го прифатат планот од 10 точки на Техеран. Околу два часа откако Трамп објави дека е постигнато примирје, иранската државна телевизија ИРИБ објави соопштение во кое се вели дека врховниот водач им наредил на сите воени единици да го прекинат огнот. „Ова не е крајот на војната, но сите гранки на армијата се должни да ја следат наредбата на врховниот лидер и да ја прекинат стрелбата“, се вели во соопштението. Набргу по оваа објава, многу Иранци, доброволно или под притисок од бруталниот режим, излегоа на улиците, каде што палеа американски и израелски знамиња.

Според иранските државни медиуми, Иран би прифатил мировен договор врз основа на сопствениот предлог од 10 точки, меѓу кои има и такви што Америка претходно одби да ги разгледа. Иран бара отстранување на сите примарни и секундарни санкции што му се наметнати, задржување на контролата врз Хормускиот Проток, повлекување на американските вооружени сили од Блискиот Исток, прекин на нападите, одмрзнување на иранските средства и резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации, што би го направил секој договор обврзувачки.

Се очекува домаќин на мировните преговори, кои може да почнат уште в петок,   да биде Пакистан, а американската делегација да ја предводи потпретседателот, Џ. Д. Венс

Земјите ширум светот го поздравија договорот за примирје. Поздрави дојдоа од генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, од лидерите на Европската Унија, од британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц… Единствено шпанскиот премиер Педро Санчез, кој прв му се спротивстави на Трамп на почетокот на кампањата во Иран, остана доследен на себеси, па даде уште една легендарна изјава: „ Шпанската влада нема да им аплаудира на оние што го запалија светот само затоа што се појавија со кофа вода“.

Но мирот уште не се гледа. Договорено е примирје од 15 дена, во кои ќе се водат предговори со неизвесен исход. Исто така, огнот сè уште тлее. Израелската армија, веднаш по објавата на договорот за примирје, изврши серија воздушни напади во јужен Либан, што укажува на тоа дека за Израел, договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран не важи за Либан, пишува Би-би-си. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху негираше дека договорот вклучува конфликт со либанската вооружена група Хезболах, поддржана од Иран, но Пакистан, кој посредуваше во договорот, посочи дека тој важи и за Либан.

По објавата на примирјето, цената на нафтата падна под 100 долари за барел, но цената останува неизвесна затоа што Иран најави дека ќе го ослободи Хормускиот Проток, но ќе го наплатува преминот низ него. Освен тоа, експертите укажуваат дека ќе треба време за стабилизација на снабдувањето.

Повикувајќи се на израелски и регионален функционер и на трет извор кој имал информации, „Аксиос“, во средата, ексклузивно објави детали за тоа како дошло до договор. Наводно, официјални лица во САД и Израел, дознале за интригантен развој на настаните, односно дека врховниот водач, Моџтаба Хамнеи, по првпат од почетокот на војната им наложил на своите преговарачи да се движат кон договор. Ова се случило приближно во исто време кога Трамп јавно се закани дека целосно ќе го уништи Иран. Но, зад заканите, дипломатијата сè уште работела, иако дури и блиските соработници на Трамп не знаеле дали навистина ќе се постигне договор, наведува „Аксиос“. До последен час, американската војска на Блискиот Исток подготвувала голема кампања за бомбардирање, додека сојузниците се плашеле од ирански одговор, а цивилите во Иран почнале да ги напуштаат своите домови. Во понеделникот наутро, американскиот претставник Стив Виткоф го нарекол  иранскиот предлог „катастрофа“, предизвикувајќи хаотичен ден, додека пакистанските посредници пренесувале нови верзии меѓу него и иранскиот министер Абас Арагчи, со помош на Египет и Турција.

До вечерта, бил договорен американскиот предлог за двонеделно примирје, но конечната одлука била на Хамнеи. Фактот дека тој бил вклучен во преговорите бил чуван во тајност поради закани за атентат, па затоа комуникацијата одела преку курир. Два извора ја нарекуваат неговата согласност „пресвртница“. Клучната улога ја имал Арагчи, кој ја убедувал Револуционерната гарда, додека Кина го советувала Иран дефинитивно да бара излез од конфликтот, но, клучните одлуки оделе преку Хамнеи. До вторникот наутро, напредокот бил видлив, а околу пладне, бил постигнат принципиелен договор за примирје. Три часа подоцна, пакистанскиот премиер, Шехбаз Шариф, ги објави условите и ги повика двете страни да ги прифатат. Трамп потоа бил под притисок од неговите сојузници да го отфрли договорот, а конфузијата била толку голема што дури и неговите блиски соработници очекувале отфрлање – сè додека договорот не беше прифатен. Претходно, Трамп обезбедил поддршка од Нетанјаху, а потоа го финализирал договорот со пакистанското воено раководство. На американските сили им било наредено да се повлечат 15 минути подоцна. Арагчи потоа потврди дека Иран ќе го почитува прекинот на огнот и ќе го отвори Хормускиот Проток за пловидба во координација со армијата.

Се очекува домаќин на мировните преговори да биде Пакистан, а американската делегација да ја предводи потпретседателот Џ. Д. Венс. Дали ќе бидат доволни двете недели за конечен договор , не може никој да каже, зашто и покрај примирјето, разликите меѓу САД и Иран остануваат големи. Затоа, можноста војната сè уште да продолжи, е реална.

ИЗДВОЕНИ