Хутите ја презедоа одговорноста за ракетниот напад врз аеродромот во Тел Авив, авиокомпаниите ги прекинаа летовите

420
Фото:принскрин Х

Бунтовниците Хути од Јемен ја презедоа одговорноста за испукување балистичка ракета врз меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во Тел Авив во неделата, објави бунтовничката телевизија ал-Масира. Некои авиокомпании соопштија дека ги одложуваат летовите до Тел Авив до 6 мај.

Во соопштението, Хутите изјавија дека го погодиле аеродромот „Бен Гурион“ со хиперсонична балистичка ракета, за која велат дека успешно ја достигнала целта.

Израелската полиција претходно соопшти дека ракета погодила во близина на аеродромот, без да прецизира дали нападот бил предизвикан од ракета испукана од Јемен или од израелска контраракета испукана за да ја пресретне. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац вети седумкратно посилен одговор на денешниот напад од Јемен.

Ракетата паднала на неколку стотици метри од главната зграда на аеродромот и можела да биде јеменска ракета или израелска контраракета, според агенцијата Франс Прес.

Бригадите Езедин Ал-Касам, вооруженото крило на палестинскиот Хамас, го поздравија денешниот напад на јеменските бунтовници врз Израел и ударот на нивната ракета врз аеродромот во Тел Авив.

„Слава на Јемен, кој ги интензивира своите напади врз срцето на нелегитимниот ционистички ентитет (Израел), пробивајќи ги најнапредните системи за воздушна одбрана во светот и погодувајќи цели со прецизност“, изјави Абу Обеида, портпарол на Бригадите.

Европската авиокомпанија „Луфтханза“, француската „Ер Франс“ и индиската „Ер Индија“ денес објавија дека ги прекинуваат летовите до Тел Авив до 6 мај по ракетниот напад врз меѓународниот аеродром Бен Гурион во близина на Тел Авив, за кој одговорноста ја презедоа јеменските бунтовници Хути.

Групацијата „Луфтханза“, која покрај германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги вклучува и „Аустриан“, „Брисел ерлајнс“, „Дискавер ерлајнс“, „Јуровингс“, „Свис“ и „ИТА ервејс“, објави дека ги прекинува услугите поради моменталната ситуација.

„Ер Индија“, исто така, објави кратко по  групацијата „Луфтханза“ дека ги прекинува летовите до Тел Авив до 6 мај.

ИЗДВОЕНИ