Велосипедскиот клуб „Вело Фаланга“ од Струга, на 19 јули, сабота, организира ноќна велосипедска тура.

– Годинава ноќната вело тура има хуманитарен карактер и ќе се вози под мотото „Сите за нашиот Ангел“ во чест и за помош на нивниот член, другар и брат по точак Ангел кој, неодамна возејќи точак на вело тура во Италија, доживеа пад и се наоѓа на лекување во една италијанска болница – велат организаторите.

Стартот на вело турата во Струга е на  плажата “Галеб“ во 17:30 часот, додека во Охрид е на паркингот пред спортски центар “Билјанини Извори” во 18:30 часот. на двете стартни позиции ќе има поставено донаторски кутии. Ќе се вози на релацијата „Залив на коските”, пат за Галичица, граничен премин „Св.Наум” Поградец, каде што ќе има пауза од 1 час, Лин, граничен премин „Ќафасан”, финиш на турата во Струга. На сите попатни станици ќе има вода и патна храна за учесниците, велат организаторите.

Должината на турата е 92 километри при што ќе се искачуваат 900 метри.

– Секој учесник треба да биде физички подготвен, да има технички исправен велосипед, резервна гума, светлосна сигнализација за ноќно возење, флуоресцентен елек, патна храна и вода. Со себе да поседува и важечка лична карта или пасош. Секој учесник вози на сопствена одговорност и треба да ги следи препораките за безбедност од страна на организаторот, а по пат ќе имаме и техничка поддршка од возило – додаваат организаторите.

За безбедно учество во сообраќајот, учесниците на вело ноќната тура, потенцираат од Велосипедскиот клуб „Вело Фаланга“ ќе бидат придружувани од моторциклист полициски службеник од СВР Охрид.

ИЗДВОЕНИ