Хрватскиот тенисер Лауро Милановиќ беше суспендиран на осум години и казнет со 10.000 долари за сериозни прекршувања на Програмата за борба против корупцијата во тенисот (TACP), објави Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ITIA).
Милановиќ, кој моментално не е рангиран на АТП- листата, се најде во центарот на скандал откако ITIA откри дека уште во 2018 година тој ставил 15 добитни облози на тениски натпревар во кој бил вклучен негов близок соработник. Со тоа, тој директно го прекршил правилото D.1.a од TACP, кое забранува обложување на тениски натпревари.
Кон крајот на 2023 година, кога доби ITIA извештај за неговите постапки, тој негираше какво било местење во текот на сослушувањето, на почетокот од 2024 година. Сепак, тој не дозволи да биде анализиран неговиот мобилен уред, што дополнително ја комплицира истрагата.
Поради неговото континуирано одбивање да соработува, неговите суспензија и казна беа изречени како автоматски санкции. Сепак, тој поднесе жалба до независниот службеник за борба против корупцијата. Доколку не успее жалбата, тој ќе биде надвор од терените до 29 мај 2033 година.
Ова е уште еден во низата случаи во кои светот на тенисот се соочува со сериозни проблеми поврзани со корупцијата и со обложувањето, а ITIA повторува дека во текот на периодот на суспензија, ниту еден од суспендираните играчи не може да учествува или да присуствува на кој било тениски настан под покровителство на ATP, WTA, ITF, националните федерации, како и на гренд слем турнирите.
Покрај Милановиќ, казнет е и Узбекистанецот Рахимбек Ибрахимов, со суспензија од 21 месец. Рахимбек Ибрахимов, кој го имаше највисокото рангирање на ATP-листата во август 2022 година – број 1550 во поединечна конкуренција, е суспендиран на период од 21 месец и е казнет со 5.000 долари за несоработување со истрагата на ITIA за два сомнителни натпревара во поединечна конкуренција, одиграни во 2022 година.