Друштвото „ЕЛЕМ Турс“ кое од 2012 година од компанијата мајка, АД ЕСМ, доби дозвола да стопанисува со шест хотели и еден автокамп, е до гуша во долгови. Од формирањето, „ЕЛЕМ Турс“ има акумулирано загуба од 1,2 милијарди денари (19,4 милиони евра), што е 92 проценти од основната главнина. Обидите на реорганизација и поддршка од матичната компанија АД ЕСМ не дадоа резултат, покажа ревизијата на работењето на друштвото. Единствен проект од кој друштвото остварува приход е „Ладен оброк“ и е наменет за вработените во РЕК „Битола“.
Што се однесува до сместувачките капацитети со кои стопанисува „ЕЛЕМ Турс“, освен хотелот „Молика“ на Пелистер, другите објекти како „Попова Шапка“ и „Славија“ во Тетово, „Свети Стефан“ во Охрид, „Маврово“ во Маврови Анови и автокампот „Ливадиште“ во Струга, не ги задоволуваат основните технички услови за сместување. Така, ревизорите посочуваат дека во „Свети Стефан“ нема струја, а „Ливадиште“ сè уште се реновира.
За да застане на здрави нозе, ревизорите предлагаат одговорните да пристапат кон подлабока анализа на состојбите, имотот со кој располага друштвото да се осигури и да се направи преструктуирање на капацитетите со цел да се овозможи тие да станат функционални и да привлекуваат гости што ќе носат приходи
Друштвото „ЕЛЕМ Турс“ кое од 2012 година од компанијата мајка, АД ЕСМ доби дозвола да стопанисува со шест хотели и еден автокамп, е до гуша во долгови. Од формирањето, „ЕЛЕМ Турс“ има акумулирано загуба од 1,2 милијарди денари (19,4 милиони евра), што е 92 проценти од основната главнина. Обидите на реорганизација и поддршка од матичната компанија АД ЕСМ не дадоа резултат, покажа ревизијата на работењето на друштвото.
Единствен проект од кој друштвото остварува приход е „Ладен оброк“ и е наменет за вработените во РЕК „Битола“. Овој проект почна да се имплементира од 2018 година. Само во првите два месеца од 2023 година, од тој основ се остварени преку приходи од 178.800 што е третина од вкупните приходи на друштвото. Сепак и овој проект има проблем, а тоа е дека набавките биле спроведувани без тендер, што е спротивно на Законот за јавни набавки.
– Во последните шест години е забележана најмала загуба во 2023 година и тоа се должи на намалена активност поради поделбата на друштвото на две нови фирми: „ЕСМ Молика“ ДООЕЛ Битола и „Ски центар Попова Шапка“ ДООЕЛ Тетово – се нотира во извештајот на Државниот завод за ревизија од каде посочуваат дека и тој процес бил спроведен со слабости – недвижниот имот бил префрлен, но движните работи во вредност од 190.735 евра останале без проценка од овластен проценител, а нееднаквата прераспределба на вработените предизвикала судски спорови.
АД ЕСМ во изминативе години се обидувале преку преземање на дел од долговите на „ЕЛЕМ Турс“ да го држат друштвото на нозе. Така, само во 2023 година биле преземени 2,9 милиони евра, со што вкупните обврски кон компанијата основач достигнале 4,3 милиони евра.
Во 2022 година бил склучен и договор во вредност од 324.000 евра за ангажирање на надворешна фирма за аутсорсинг услуги. Иако договорот имал важност до крајот на 2022 година, продолжил и во 2023 година за што биле исплатени вкупно 553.691 евро што е 70 отсто над вредноста на договорот. За ревизорите е спорно ангажирањето на надворешната фирма за аутсорсинг услуги, со договор склучен во 2022 година, но со ретроактивно важност од два месеца.
– Нема оправдување за ангажман на надворешни извршители, особено што подружницата „Попова Шапка“ во тој период остварила ниски приходи. Исто така, капиталот на друштвото, во градежни објекти и опрема од 4,6 милиони евра, не е осигурен, што го изложува на ризици од пожар, кражби и други штети – оценуваат ревизорите.
Што се однесува до сместувачките капацитети со кои стопанисува „ЕЛЕМ Турс“, освен хотелот „Молика“ на Пелистер, другите објекти како „Попова Шапка“ и „Славија“ во Тетово, „Свети Стефан“ во Охрид, „Маврово“ во Маврови Анови и автокампот „Ливадиште“ во Струга, не ги задоволуваат основните технички услови за сместување. Така, ревизорите посочуваат дека во „Свети Стефан“ нема струја, а „Ливадиште“ сè уште се реновира.
За да застане на здрави нозе, ревизорите предлагаат одговорните да пристапат кон подлабока анализа на состојбите, имотот со кој располага друштвото да се осигури и да се направи преструктуирање на капацитетите со цел да се овозможи тие да станат функционални и да привлекуваат гости што ќе носат приходи.
(С.Бл.)