Во Гостиварскиот театар, во полн ек се подготовките околу новата претстава насловена „Хауситери“, по текст на Горјан Милошевски, а во режија на Игор Ивковиќ.
Во претставата, во продукција на Гостиварскиот театар, улогите ги толкуваат Ирена Илиевска, Дарко Вељиќ (к.г.) и Ариан Ејупи, а премиерата е најавена за крајот на овој месец. „Хауситери“ низ хумор, напнатост и неочекувани ситуации зборува за луѓето што влегуваат во туѓите домови, но и во туѓите животи, за довербата, приватноста и за границите што лесно можат да бидат преминати.
Како што за весникот ВЕЧЕР вели режисерот Ивковиќ, станува збор за современ драмски текст, што доживува прва институционална премиера.
– „Хауситери“ е современа македонска драма во која авторот Горјан Милошевски создава препознатлив свет со елементи на комедија што постепено почнува да заболува. Се смееме на навидум апсурдни ситуации, а потоа сфаќаме дека зад хуморот се кријат осаменоста, понижувањето, класните разлики и стравот дека човекот може да биде заменет, избришан или сведен само на функција, посочува Ивковиќ.
Додава дека претставата зборува за системот во кој сме постојано набљудувани, контролирани и вреднувани – според тоа колку имаме, каде припаѓаме и колку сме корисни.
– Системот не мора да нè затвори за да нè контролира — доволно е постојано да нè набљудува и вреднува. Токму затоа, хуморот во „Хауситери“ не е бегство од реалноста, туку начин таа да се издржи. Се смееме на нешта што, кога подобро ќе ги погледнеме, почнуваат да нè заболуваат. Горјан Милошевски напишал жив, актерски провокативен и многу современ текст што директно комуницира со времето во кое живееме, истакнува режисерот.
Истакнува дека особено му е значајна соработката со Ирена Илиевска, Дарко Вељиќ и Ариан Ејупи, кои со голема посветеност, доверба и актерска храброст го создаваат светот на претставата.
– Благодарен сум и за поддршката од директорот и од целиот тим на Гостиварскиот театар, кои овозможија сериозно и посветено да се работи на овој македонски драмски текст.
– „Македонската драма не треба само да се поддржува со зборови – таа мора да се поставува, да се развива и да живее на сцената“. За мене, „Хауситери“ е претстава за нашето време, но пред сè, претстава за човекот и за неговата потреба да биде виден, разбран и почитуван, вели Ивковиќ.
Сценографијата и костимографијата во претставата се на Ирена Боневска-Чаловска.
Инаку, „Хауситери“ е втора претстава на Гостиварскиот театар што се реализира согласно со Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам. (Н. И. Т.)











