четврток, октомври 15, 2026
Дома БАЛКАН Хаос во Тирана: Студентите се судирија со полицијата, запалени згради и банки/ВИДЕО

Хаос во Тирана: Студентите се судирија со полицијата, запалени згради и банки/ВИДЕО

2
Фото: X / @Tirana_Report

Полицијата синоќа употреби водени топови против десетици илјади студенти што протестираа во главниот град на Албанија, Тирана, каде што насилните демонстрации се одржуваат веќе втор ден. Студентите ја запалија зградата на владата и две банки и фрлаа камења врз полицијата во знак на протест поради зголемените цени на образованието и корупцијата.

Полицијата возврати со водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите. Според податоците објавени од албанските власти, во судирите се повредени 23 полицајци и шест други лица. Полицијата приведе 35 лица.

Демонстрантите предизвикаа пожар во зградата на Министерството за образование, превртуваа контејнери за отпадоци и ги кршеа излозите на локалните продавници и фирми. Филијалата на „Рајфајзен банка“ во близина на Министерството за образование исто така се запали, пренесува британскиот „Гардијан“.

Ова се досега најнасилните протести против премиерот Еди Рама, кој во мај минатата година го освои својот четврт мандат, но се соочува со растечко незадоволство и перцепција за корупција поврзана со водечките функционери. Демонстрантите, исто така, ги отфрлија опозициските личности како неприфатлива алтернатива.

Нередите избувнаа по цело лето мирни протести против Рама, поттикнати од предложениот проект за развој на луксузно одморалиште по должината на јужниот брег на Албанија, кое го финансира зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џеред Кушнер.

Студенските организатори изјавија дека протестите се поради условите на универзитетите, повисоките цени на образованието, како и недостатокот на финансова поддршка и можности за вработување по дипломирањето.

Нередите се дел од поширокиот бран студентски активизам што ја зафати Европа во врска со образованието и животните услови, пишува „Гардијан“.

Во Франција, средношколците организираа повеќенеделни протести и блокади на училиштата барајќи повеќе наставници и подобри згради, сметајќи дека дотраените школски згради и пренатрупаните училници го поткопуваат образованието.

Албанските медиуми објавија дека вчерашните протести се прошириле и на универзитетите во Елбасан и Скадар. Владата го осуди насилството.

И протестите претходната вечер преминаа во насилство, кога демонстрантите ги скршеа излозите и ги турнаа контејнерите за отпад, а полицијата употреби солзавец за да ги растера. Од полицијата соопштија дека вчера биле privedeni 23 лица, како и дека шест полицајци и еден новинар биле повредени.

ИЗДВОЕНИ