– Родена сум токму по независноста на Македонија и во различна културолошка манџа во споредба со генерациите кои растеле во Југославија. Сепак, при пишувањето на детските книги не се фокусирам на прашања кои сметам дека се конкретно релеватни за денешните деца, туку на прашања кои се релевантни општо за процесот на растење и учење како да се биде човек. Ако се обидував да пишувам имајќи ги на ум актуелните услови – на пример, кратки содржини, за да не им досади на деца навикнати на кратки, брзи видеа – тогаш ем ќе ги потценев читателите ем ќе одев против себе, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР писателката Хана Корнети, која ја доби престижната награда на ДПМ „Ванчо Николески“ за книга за деца

 

За книгата „Илина и тајните на Бабин заб“, младата авторка Хана Корнети ја доби наградата на Друштвото на писателите на Македонија, „Ванчо Николески“, за најдобра книга за деца и млади во 2025 година. На самото доделување на ова престижно признание таа истакна дека е голема чест да се добие награда наречена по писател со кого растеле генерации деца.

–За уметниците, наградите се, сепак, обележја, а не цели низ патот, затоа е најважно да уживаме во процесот, да се создава доза самокритика, да се изоструваме во занаетот и, секако, да пишуваме книги што сакаме да ги читаме, кажа Хана Корнети. Со неа разговаравме токму за нејзиното дело, причината поради која започнала да пишува детски книги, но и за потребата книгите да бидат неизоставен дел од растењето на децата.

Инаку, Хана Корнети дипломирала историја и филозофија во Анкара, а магистрирала на културолошки студии во Истанбул. Помеѓу другото, во „Или-или“ ги има објавено збирката раскази „Млечни заби“ (2021) и романот за деца „Илина и шумските тролови“ (2023). Добитничка е на прва награда за театарско сценарио во 2019 г., на втора награда на конкурсот за најдобар расказ на „Нова Македонија“, а била и финалист во регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“.

Релативно млада, на 33-годишна возраст, ја добивте една од четирите престижни награди на Друштвото на писателите на Македонија, „Ванчо Николески“, за најдобра книга за деца во 2025. Какво е чувството да се биде дел од лауреатите на годишните награди на најстарата писателска асоцијација во државата?

Секако дека е огромна чест – особено да се добие оваа награда! Меѓу другото, скоро дознав дека „Ѕвездени перничиња“ од Славка Манева, која многу ја сакав како дете, ја добило истата награда во 1996 година. Освен тоа, жири-комисијата беше составена од автори кои ги почитувам за нивниот интегритет и автентичен израз, така што многу ми значи што виделе нешто вредно во оваа книга. Книгите за Илина („Илина и тајните на Бабин заб“ е втор дел од трилогија; првиот е „Илина и шумските тролови“, Или-или, 2023) ми се многу драги, меѓу другото, бидејќи ми овозможуваат да задржам цврста врска со сопственото детство. Но, бидејќи имам таков личен однос со делата, често се потсетувам дека наградувањето е, сепак, субјективна работа која не вади или додава на самото дело. Награди не се цел туку признание дека некој, некаде на патот, уважил вредност во делото. Сакам да кажам, ако едно дело не е наградено не значи дека е лошо, и ако едно дело е наградено не значи дека не може да биде подобро.

„Илина и тајните на Бабин заб“ е вашата втора книга за деца, но тоа не беше пречка да ја добие највисоката оценка од писателската фела. Кој е „тајниот клуч“ кој Ви ги отвори вратите на детскиот свет и Ве инспирираше да се нурнете во него?

Мојата љубов кон книжевноста започна уште кога бев многу мала – прво преку приказните што ми ги раскажувале, а потоа преку приказните кои самата сум ги читала. Често кажувам дека книгите за „Илина“ се мое мало оддолжување кон тој фонд кој ме хранел, како и желба новите генерации да сакаат да потонат во свет обликуван од текстот, но изграден во нивната сопствена фантазија. Инаку, не сметам дека има некој посебен „клуч“ за пишувањето – освен да се остане доследен на себе (и секако, да се едитира!). Пишував на начин на кој би сакала и самата да читам како дете – да не ме инфантилизираат, да има несовршени ликови, волшебни ситуации, многу хумор. Така и се трудев да пишувам.

Сметате ли дека токму вашата возраст е предност и дали помладите писатели се тие кои најдобро можат да ги разберат децата и со своето перо да одговорат на сите барања на новите генерации?

Од една страна, не би рекла дека е до возраста бидејќи за да пишуваш за деца, треба и самиот да си, на некој начин, дете, а тоа може да се биде на секоја возраст. И во позитивни и во негативни аспекти, самата сум понекогаш детинеста, така што не треба да одам премногу далеку за да се обратам на тој јазик. Од друга страна, може да се каже дека сум генерациски поблиску до сензибилитетот на помладите од повозрасните генерации. Родена сум токму по независноста на Македонија и во различна културолошка манџа во споредба со генерациите кои растеле во Југославија. Сепак, при пишувањето на детските книги не се фокусирам на прашања кои сметам дека се конкретно релевантни за денешните деца, туку прашања кои се релевантни општо за процесот на растење и учење како да се биде човек. Ако се обидував да пишувам имајќи ги на ум актуелните услови – на пример, кратки содржини за да не им досади на деца навикнати на кратки, брзи видеа – тогаш ем ќе ги потценев читателите ем ќе одев против себе.

Дигитализацијата очигледно им ја намалува можноста на децата да ја почувствуваат радоста од читање книги и со секоја наредна страница да откриваат нешто ново, волшебно. Колку е, всушност, важно за децата во ова денешно време, кога секое дете има компјутер и паметен телефон, да читаат книги?

– Имало истражување дека генерацијата зет е првата од 1800-тата година откога започнало да се мери, а која е помалку интелигентна од претходната. Ова делумно се должи на фактот дека дигиталните уреди им се достапни на децата уште пред да знаат да зборуваат и секако дека им се намалуваат и концентрацијата и капацитетот да размислуваат, анализираат и да фантазираат, меѓу другото, и затоа апелирам да ги охрабрувате децата да читаат, затоа што така ќе развиваат фантазија, осет за себе и ќе видат дека магијата вистински постои единствено во книгите.

Од минатата година сте дел од Друштвото на писателите на Македонија. Какви се Вашите искуства од овој краток период на членување и како, според Вас, помладата генерација писатели чиј дел сте, може да придонесе работите да тргнат во подобра насока во иднина?

Откога сум член, впечатокот ми е дека водството на ДПМ е доста ангажирано да ги активира писателите во активностите на друштвото и истовремено да доведе до повисока видливост за активностите во друштвото преку медиумска покриеност. Искуството со моменталниот претседател, Живко Гроздановски, ми е дека со огромен ентузијазам и визија за ДПМ се труди да дефинира процеси, да охрабри нови иницијативи, да вклучи млади членови, итн. За иднината, една работа која може да се поддржи и зајакне е присуството на книжевна критика. Друго, би спомнала поттикнување на читањето ширум Македонија. Но ова е голем проблем со нашиот менталитет – за жал, не сме земја со висок процент на читатели – така што не знам баш како една организација може тоа сама да го смени.

Дали и во иднина останувате во жанрот детска литература или планирате да пишувате книги и за возрасните, романи, раскази, можеби поезија?

Веќе имам две книги за возрасни, збирки со по десет раскази во издание на „Или-или“. Едната е „Млечни заби“ (2021) а другата „Каде леташ, Јулија?“ (2025). Во моментов, полека работам на својот прв роман за возрасни, ама се плашам многу да го најавувам бидејќи сѐ уште го пишувам само првиот драфт. Поезија како таква не би се нафатила да пишувам, бидејќи, иако ја ценам, не е нешто што сметам дека се поклопува со мојот сензибилитет. Односно, не секој жанр му лежи на секој автор. Но, во таа нишка, пишувам аматерски песни и наскоро ќе излезе сликовница за деца напишана во стих за состојбата на реките во Македонија, „Каде оди реката?“. Книгата е под покровителство на „Екосвест“, во склоп на проект предводен од Ѓорѓи Митревски, со Марија Трајановска како илустратор. Ќе излезе во издавачката куќа „Чудна Шума“.

Даниела ТРАЈКОВСКА

Фото: Андреј Коларовски

 

 

 

ИЗДВОЕНИ