Хајрулахи се заканувал на жени во обивнителството: Ќе ве дигнам на клоци, ќе ве фрлам од шести кат

ОЈО Штип поднесе обвинение против виш јавен обвинител за тежок мобинг

461

Штипското Обвинителство ќе докажува тежок мобинг од страна на суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, врз пет жени, вработени како службенички. Она што го нарекуваше Хајрулахи хајка последниве неколку месеци, во медиумите, во обвинението е напишано како кривично дело малтретирање во службата и злоупотреба на службената положба.

– Во текот на работното време, им се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз жените, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување – стои во обвинението против Хајрулахи.

Користејќи ја шефовската позиција, повеќепати грубо им се заканувал со зборовите дека има моќ, дека може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигне на клоци“, „ќе ги фрли од шести кат“, „ќе ги стави во притвор и под посебни истражни мерки“. Дел ги навредувал дека „му го грделе Обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со другите вработени.

Жените повеќе не можеле да го трпат мобингот, па пријавиле во Советот на јавни обвинители, кој е надлежен за работата на обвинителите. Откако дознал за писмата на оштетените, обвинетиот ги повикал насамо, секоја поединечно во неговата канцеларија, каде што продолжил со психичкото насилство, принудувајќи ги да напишат изјави дека биле манипулирани.

– Притоа, им се заканувал дека ќе им поднесе тужби за клевета, со барање за отштета од 100.000 евра, велејќи им дека тој може да влијае на сите судии и адвокати, дека имаат деца на кои треба да мислат и дека ќе ги загубат работните места. Откако ќе одбиеле да потпишат таква изјава, им поведувал дисциплински постапки и ги прераспоредувал на работни места во Обвинителството – штипското Обвинителство ги објавува деталите од нечовечкиот однос на обвинетиот обвинител.

Две од малтретираните жени подлегнале на притисокот, па ги напишале изјавите со извинувањето што го барал шефот.

– Потоа обвинетиот одржал состанок со сите вработени од јавнообвинителската служба, кога пред сите нив продолжил со психичкиот притисок кон оштетените, на начин што ги изнесувал наводите од нивното барање, ги исмевал и ги понижувал пред другите. Потоа, повторно користејќи ја својата надреденост во службата, побарал од сите вработени што не биле потписници на писменото барање за преземање итни мерки, да напишат своерачни изјави во кои ќе го опишат каков е тој како шеф. Како резултат на ваквото деградирачко и понижувачко однесување, една од вработените се разболела и добила анксиозно растројство – соопштија од ОЈО Штип, од каде што побараа од Судот да му биде одземен пасошот на обвинетиот обвинител, да се пријавува кај судската полиција и да не им се приближува на жените.

Во друг обвинителен предлог, суспендираниот обвинител Хајрулахи, заедно со негов колега, е обвинет за злоупотреба на службената должност. Неколку предмети од поранешното СЈО не ги заведувал по Правилникот за работа и на тој начин се паѓале за работа кај второобвинетиот обвинител.

–Првообвинетиот ги задржувал и барал да не бидат заведени тој ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот. Истовремено, барал од службениците тие предмети, директно, „без многу врева“, да му бидат доделувани на второобвинетиот – информираат од ОЈО Штип.

Хајрулахи не оди на работа по одлуката на Советот на ЈО за негова суспензија, а поради тешки дисциплински повреди. Тој, по одлуката за негова суспензија, изјави дека единствена причина за целата хајка против него е кривичната пријава за бонусите за ангажираните во поранешното Специјално јавно обвинителство, случај за кој државниот обвинител Љупчо Коцевски, според Хајрулахи, правел притисок да се затвори. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ