Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, „остро ги осудува“ смртоносните израелски напади во Газа во вторник, изјави денес неговиот портпарол Стефан Дужарик, пренесе „Бета“.
„Генералниот секретар остро ги осудува смртните случаи предизвикани од израелските воздушни напади врз цивилите во Газа вчера, вклучувајќи многу деца. Тој ги осудува сите дејствија што го поткопуваат прекинот на огнот и ги загрозуваат цивилите“, им рече Дужарик на новинарите.
Тој ги повика сите страни да ги почитуваат своите обврски и да избегнуваат „секоја акција што ги загрозува цивилите или ја попречува хуманитарната помош“.
Израелската војска денес објави дека се враќа на прекин на огнот во Појасот Газа, откако во вторник изврши серија напади врз десетици цели како одговор на гранатирањето во кое загина еден војник претходниот ден.












