Гроси: Иран би можел да продолжи со збогатувањето на ураниум за неколку месеци

116

Техеран би можел да продолжи со збогатувањето на ураниум во рок од неколку месеци и покрај тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека значително ја намалил нуклеарната програма на Иран, изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, за американската телевизиска станица Си-Би-Ес њуз, пренесува Хина.

„Капацитетите што ги имаат се таму. Би рекол дека за неколку месеци би можеле да имаат неколку каскади од центрифуги што произведуваат збогатен ураниум“, рече Гроси во интервјуто.

Обемот на штетата предизвикана од минатонеделните американски напади врз три ирански нуклеарни постројки останува нејасен. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, за иранската државна телевизија ИРИБ изјави дека нападите предизвикале „значајна“ штета на нуклеарната инфраструктура на земјата.

Но, Трамп оттогаш изјави дека бомбардирањето на САД врз иранските нуклеарни постројки значително ја забавило иранската програма за нуклеарно оружје. Во интервјуто за Си-Би-Ес, Гроси рече дека „искрено кажано, не можете да кажете дека сè е исчезнато и дека таму нема ништо“.

Тој додаде дека МААЕ е првенствено заинтересирана за лоцирање на збогатениот ураниум во Иран и рече дека агенцијата со години се прашува зошто пронашла траги од збогатен ураниум на повеќе локации.

„И едноставно не успеавме да добиеме веродостојни одговори. Ако имало нуклеарен материјал – каде е? Значи, може да има уште повеќе. А ние тоа не го знаеме“, рече тој.

ИЗДВОЕНИ