Сезоната на грип е во полн ек, а нов сој на вирусот се појави како голема закана низ целиот свет. Варијанта на грип А, позната како H3N2 или „подтип К“, е идентификувана како виновник за порастот на случаите на глобално ниво, вклучувајќи рекорден број хоспитализации во Велика Британија и САД.
Експертите предупредуваат дека оваа зима може да донесе една од најлошите сезони на грип во последните децении.
Што е H3N2 и зошто е опасен?
Видот еволуирал во текот на летото, развивајќи седум нови мутации кои му овозможуваат делумно да го избегне имунитетот стекнат од претходни инфекции или вакцинација. Бидејќи овие промени се случиле откако Светската здравствена организација (СЗО) веќе одлучила за составот на овогодишната вакцина, таа не е совршено ускладена со вирусот што моментално циркулира.
Ситуацијата како што ја опишуваат докторите е „совршена бура“, со оглед на ниските стапки на вакцинација и агресивноста на самиот вирус.
Симптоми: Интензивни и ненадејни
Симптомите на оваа варијанта се слични на сезонскиот грип, но можат да бидат поинтензивни. Тие се развиваат многу брзо и вклучуваат:
Висока температура и треска.
Силна кашлица, болно грло и течење на носот.
Екстремна замореност и болки во телото.
Некои пациенти може да имаат повраќање и дијареја.
Кој е најмногу изложен на ризик?
Додека повеќето луѓе се опоравуваат од грипот дома со одмор и течности, одредени групи се изложени на висок ризик од компликации. Тука спаѓаат деца под пет години, возрасни над 65 години, бремени жени и лица со хронични состојби како што се астма, дијабетес и срцеви заболувања.
Како да се заштитите?
Иако вакцината не е совршена, експертите сепак препорачуваат вакцинирање бидејќи значително го намалува ризикот од тешка болест и хоспитализација.
Ако се чувствувате толку лошо што не можете да станете од кревет или да земете пари на улица, веројатно имате грип и треба да останете дома. Изолацијата, редовното миење раце и избегнувањето гужви се клучни за спречување на ширењето на инфекцијата, советуваат докторите.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека новиот сој на вирусот на грип создава сериозен притисок врз здравствените системи низ Европа, при што најмалку 27 од 38-те европски земји опфатени од СЗО пријавуваат висока активност на вирусот.
„Наглото зголемување на бројот на случаи на грип предизвикани од новиот доминантен сој на вирусот А(H3N2) се шири низ Европа, ставајќи ги здравствените системи во неколку земји под сериозен притисок“, соопшти СЗО, објави лондонски Гардијан.
Од организацијата наведуваат дека шест земји, меѓу кои Ирска, Србија, Словенија и Велика Британија, регистрирале висока или многу висока активност на вирусот на грип. СЗО посочува и дека сезоната на грип оваа година започнала околу четири недели порано во споредба со претходните години. Граѓаните се повикуваат да преземат мерки за намалување на ширењето на вирусот, како што се вакцинирање, останување дома доколку се чувствуваат лошо и носење маска на јавни места при појава на симптоми на респираторна инфекција.
Според СЗО, новиот сезонски сој сочинува до 90 проценти од сите потврдени случаи на грип во европскиот регион, но засега нема докази дека предизвикува потешки форми на болеста.
„Грипот се јавува секоја зима, но оваа година е малку поинаква. Тоа покажува како само мала генетска варијација во вирусот на грип може да изврши огромен притисок врз нашите здравствени системи“, рече Ханс-Анри Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
СЗО соопшти и дека првичните податоци од Велика Британија покажуваат дека вакцината против грип го намалува ризикот од инфекција со новиот сој А(H3N2) со тешки симптоми. Иако вакцината можеби нема целосно да спречи инфекција, таа останува најважната превентивна мерка.
„Ова е особено важно за луѓето изложени на поголем ризик, вклучувајќи ги постарите лица, лицата со хронични здравствени проблеми, бремените жени и децата“, се вели во соопштението на СЗО, при што се нагласува дека здравствените работници се приоритетна група, бидејќи со заштита на сопственото здравје го штитат и здравјето на пациентите. Клуге додаде дека се очекува сезоната на грип годинава да го достигне својот врв кон крајот на декември или на почетокот на јануари следната година.












