Грците воведуваат сообраќајни камери со вештачка интелигенција

Вештачката интелигенција сними илјадници прекршоци

55

Сообраќајните камери со вештачка интелигенција во пошироката област на Атина регистрираа повеќе од 2.000 сериозни сообраќајни прекршоци за само четири дена, според резултатите од пилот-проектот на грчките власти.

Од вторник до петок, камера со вештачка интелигенција инсталирана на авенијата Сингро наводно регистрирала повеќе од 1.000 прекршоци, вклучително и користење мобилни телефони и неносење безбедносни појаси, објави „Катимерини“.

Во истиот период, околу 800 случаи на пребрзо возење се регистрирани на дел од патот каде што ограничувањето на брзината е 90 километри на час.

Евидентирани се и 480 прекршоци за поминување на црвено светло.

Пилот-програмата, започната минатата недела на осум локации со висок ризик по препорака на грчката полиција, е дел од поширока кампања за подобрување на безбедноста на патиштата.

„Ова е политичка одлука со јасна социјална цел. Станува збор за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и спасување животи“, рече министерот за дигитално управување Димитрис Папастергиу.

Според него, целта на оваа акција е одвраќање, а не казнување.

„Сакаме граѓаните да знаат дека правилата важат за сите и се спроведуваат на фер и современ начин“, рече тој.

Камерите снимаат сериозни прекршувања на Сообраќајниот законик, вклучувајќи брзо возење, поминување на црвено светло, неносење појас, користење мобилни телефони при возење и нелегално користење на ленти за итни случаи.

Возачите ќе бидат известени за прекршоци преку дигитално поштенско сандаче на владината платформа gov.gr или преку електронски пораки, а ќе можат да поднесуваат жалби преку интернет.

Како што е најавено, властите планираат да ја прошират мрежата на 2.500 камери низ целата земја, вклучувајќи 2.000 фиксни единици на локации со висок ризик и 500 камери инсталирани во автобусите на јавниот превоз за следење на автобуските ленти.

ИЗДВОЕНИ