ЕВН во Македонија истовремено е оператор на дистрибутивниот систем, поставувач на броилата и нивен верификатор преку сопствено акредитирано тело. Државните институции немаат ниту пристап ниту контрола врз софтверските конфигурации на броилата кои директно влијаат на мерењето и фактурирањето на потрошувачката на електрична енергија, се вели во реакцијата на Здружението на инженери на Република Македонија.
Иако министерката за енергетика Сања Божиновска уште на 23 февруари годинава, при посетата на Бирото за метрологија. најави итно активирање на државната лабораториска опрема за проверка на електричните броила, во реалноста таа опрема сѐ уште не е ставена во функција.
На 4 јуни поднесовме барање за информации од јавен карактер до Бирото за метрологија, а за кое одговор добивме на 13 јуни. Во одговорот се потврдува дека опремата сѐ уште не е ставена во функција, дека граѓаните немаат можност самостојно да поднесат барање за проверка на сопственото броило и дека Бирото не води евиденција за типовите на вградените броила, ниту пак води евиденција за бројот на евентуални поплаки или утврдени отстапувања.
Одговорот од Бирото откри сериозни системски недостатоци, меѓу кои најзначаен е фактот што граѓаните немаат директен пристап до независна државна проверка на своето броило, туку мораат да поднесат барање до ЕВН, која самата одлучува дали и како ќе спроведе верификација. Исто така, не постои јавен регистар на моделите и техничките параметри на броилата што се користат во домаќинствата, ниту пак се води статистика за поплаките од корисниците. Со тоа, сите клучни механизми на контролата на електронските броила што директно влијаат врз точноста на сметките на граѓаните и стопанството, остануваат исклучиво во рацете на операторот ЕВН, додека државните и независни институции, вклучително и Бирото за метрологија, немаат пристап, увид или контрола врз нивната конфигурација, техничките параметри или дневните модификации. Ова е целосно отсуство на институционален надзор, увид и контрола врз најважната компонента во системот за наплата на електрична енергија – електронските броила.
ЕВН преку своето акредитирано тело врши верификација без никаква независна контрола на конфигурациските параметри, а државните и други автономни институции немаат пристап до евиденцијата на тие промени, ниту можност активно да контролираат дали уредите се конфигурирани точно и фер.
Поради ова, поднесовме формално барање за информации од јавен карактер до ЕВН Македонија, со цел да ни достават детали за техничките можности на конфигурирање на моделот Iskra MT174-D1A54-M3KO, како и за другите smart броила за кои знаеме дека се користат кај домаќинствата и стопанството и да ни појаснат дали овие уреди поседуваат можност за интервенции на множител, тарифни распореди, фазност и CT/VT односи, и дали тие логови се достапни и за државен надзор и кој е надлежен за проверка на софтверските поставки што директно влијаат на точноста на фактурирањето. Во барањето јасно нагласивме дека не прашуваме дали се изведуваат конкретни промени, туку дали тие технички можности постојат и дали се поддржани од софтверските и хардверските карактеристики на броилата, со цел да ги разбереме ризиците од потенцијални манипулации што директно влијаат врз точноста на фактурирањето.
Очигледна е потребата од итни реформи кои ќе обезбедат вистинска независност и транспарентност во системот за мерење на електрична енергија. Потребен е јавен регистар на броила, пристап за потрошувачите до проверка на точноста на своето броило и обврска за државните институции да имаат увид во конфигурациските логови. Денес, системот е целосно во рацете на приватниот оператор ЕВН, без државен надзор, без техничка отчетност и без механизми за заштита на граѓаните.
-Неопходно е да се создаде транспарентен, технички прецизен и независен систем за мерење на електрична енергија, достапен за сите граѓани. Секој потрошувач заслужува точно броило и право на проверка на неговата точност за да не биде нарушена довербата во мерењето на електричната енергија, се вели во реакцијата на Здружението на инженери на Република Македонија.