Градскиот базен во Велес е пред распаѓање, новиот закупец треба да запне за да го среди

43

Скопската фирма „Луксор оптик“ стана нов закупец на Градскиот пливачки базен во Велес, во следните пет години. Новите сопственици ја виделе состојбата со базенот во Велес и, за жал, констатирале дека техничката машинска опрема под него, односно  пумпите за вода се половина извадени или украдени и дека сè околу него, во најголем дел, е искршено, `рѓосано, украдено или неупотребливо и нефункционално. Украдени и откорнати се цели кабли за струја на и околу базенот. Пострашно е што од долниот дел на базенот протекува вода, за што се жалеле и жителите од куќите во соседството. Сметаат дека постапката за издавање на базенот им била дадена многу доцна, пред самата сезона, поради што  немаат доволно време се да средат за навреме да започне годинашната пливачка сезона на базенот, но велат дека ќе направат вонредно големи напори и залагање да го пуштат во функција

 

Скопската фирма „Луксор оптик“ стана нов закупец на Градскиот пливачки базен во Велес, во следните пет години. Беше избрана на електронско наддавање, кое го спроведе Општина Велес. Новите сопственици ја виделе состојбата со базенот во Велес и, за жал, констатирале дека техничката машинска опрема под него, односно пумпите за вода, половина се извадени или украдени и дека сè околу него, во најголем дел, е искршено, `рѓосано, украдено или неупотребливо и нефункционално. Украдени и откорнати се цели кабли за струја  на и околу базенот. Пострашно е што од долниот дел на базенот протекува вода, за што се жалеле и жителите од куќите во соседството.

Новиот закупец на базенот и сопственик на фирмата „Луксор оптик“ вели дека се разочарани од неговата катастрофална состојба и дека се принудени за многу кратко време да направат големи напори, и финансиски и во човечки ресурси, да најдат соодветни мајстори за базенот да биде навреме реновиран до крајот на јуни или почетокот на јули и да започне со работа.

Василевски потенцира дека локалната власт, која им го издала под закуп Градскиот пливачки базен, од нив, како закупци, бараат тој да биде пуштен што поскоро, во интерес на граѓаните, на кои им е единствено место за рекреација и за разладување во пеколните летни денови во градот. Смета дека постапката за издавање на базенот им била дадена многу доцна, пред самата сезона, поради што и немаат доволно време сè да средат за навреме да започне годинашната пливачка сезона на базенот, но велат дека ќе направат вонредно големи напори и залагање да го пуштат во функција.

– Состојбата со Градскиот пливачки базен е катастрофална. Во долниот дел, под базенот, половина од пумпите за вода се извадени. На базенот не функционираат многу работи: извадени се дозерите за хлорирање на водата, базенот протекува долу, треба да се види каде протекува и дали треба да се заварува со аргон. Но, најпрво треба да се испушти водата, да се види каде понира вода во долниот дел, а потоа, ако треба, да се заварува со аргон, што е многу скапо. Само еден сантиметар заварување со аргон чини 10 евра, а да замислиме дека треба да се заварат неколку метри. Треба да се сменат и старите мотори и целиот моторен дел под базенот, кој е во катастрофално лоша состојба – потенцира Василевски.

Тој додаде дека не знаат ниту каква е состојбата со водата, со струјата и дека воедно треба целосно да се реновираат тоалетите, соблекувалните и другите придружни објекти, кои речиси целосно се уништени и каде што е потребно да се постави целосно нова опрема.

Инаку, порано базенот се полнеше со вода од водата од градскиот водовод, а потоа некои нови закупци го поврзаа на вода од бунари.

Според првичната проценка на Василевски, потребни му се најмалку околу стотина илјади евра за Градскиот пливачки базен во Велес да се стави во функција, во претстојната летна сезона.

Нивната понуда на електронското надавање за Градскиот базен во Велес била 81.634 денари месечно, за три месеци, јули, август и септември, според јавниот повик, и е прифатена од Општина Велес, а за другите девет месеци надоместокот им е по 3.000 денари месечно. Тие биле единствени заинтересирани за закуп, поради што цената дадена од Општина Велес, од 116.620 денари без ДДВ, била намалена согласно со методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот.

ИЗДВОЕНИ